
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Соодветна ли е печката во „Дрисла“ за уништување на фармацевтски отпад?
Единственото место во државава за уништување на фармацевтскиот отпад се наоѓа во ЈП „Дрисла“. Се работи за печка којашто од пред 23 години е донација од Велика Британија, но се поставува прашањето дали сме добиле исправна печка со инцелератор и дали сиве овие години на соодветен начин се согоруваат лековите кај нас.
Препорачано
Кога печката пристигнала во Скопје не била соодветна за уништување на овој отпад, па била надоградувана за оваа намена, вели за „Слободен печат“ Марија Петерска, магистер по фармација и сертифициран управител со отпад,
– Она што јас го знам, но вие ќе мора дополнително да го поставите ова прашање на некој од работените од „Дрисла“, е тоа дека пeчката е донација и дека не ги исполнува безбедносните стандарди. Печката е дополнително надградувана за да се мерат соодветно емисиите на гас. Што значи тоа? Лековите се уништуваат во инцелератор на 1100, 1200 степени, температурата што ја достигнува печката е нешто под тоа, около 900 степени. Се поставува прашањето тоа што останува во пепелта колку е чисто. Таа пепел, како се третира понатаму, тоа ќе треба да го објаснат вработените од таму – вели Петреска.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Лековите со поминат рок треба да се вратат во аптека наместо да се фрлаат во ѓубре
Таа вели дека сака директно да биде инволвирана во целиот процес на имплементирање на измените во правилникот, да биде вклучена максимално со цел да им се помогне на аптеките, едукација на фармацевтите, но и подигнување на светста кај населението.
– Ќе мора да работиме лековите да бидат соодветно уништени. Значи, ако намалиме едно зло, да не се фрлат во водите преку тоалетите и комуналниот отпад, тогаш да знаеме каде завршува и дали ќе направиме некое друго зло. Значи, да го намалиме тој ризик најмногу што можеме – рече Петреска.
Граѓаните сега не можат да ги остават лековите со поминат рок во аптеките
– Голем број од лековите можат да бидат лекови што не можат да се идентификуваат, ние ги немаме во систем. Додека да се случат промените на терен јас предлагам да се постапува на следниот начин. Кога ќе доаѓаат пациентите во аптеките да остават лекови надвор од употреба да се пополни формулар што ќе го потпише лицето кое ќе го прими отпадот. Сепак тој совесен граѓанин го донел лекот да се уништи соодветно. Благодарение на него, тој лек нема да заврши во почвата или во водите. Важно е да постои регулирана документација за да знаеме дека тој е соодветно предаден, а потоа и соодветно уништен – вели таа.
Во моментов печката што ја поседува депонијата е без филтри и без можност на неа дополнително да се постават, ова беше констатирано пред четири месеци од страна на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој беше во проверка. При тоа беше нотирано дека е неопходна набавка на нова софистицирана печка.
Болниците добиваат соодветна документација за уништен отпад
За разлика од граѓаните, болниците, аптеките и амбулантите фармацевтскиот отпад го доставуваат до Дрисла. Тоа е законски регулирано и целата постапка се одвива преку соодветна документација.
Испративме прашање до ГОБ „Свети Наум Охридски“ за тоа на кој начин тие се справуваат со медицинскиот отпад и во повратниот одговор стои дека нема никакви пропусти при оваа постапка, сè се одвива според законски пропишаното.
„Лековите кои се со изминат рок ги складираме на посебно место и во моментот кога ќе се собере поголема количина поднесуваме барање за уништување на лекови. Откако ќе добиеме позитивен одговор лековите се уништуваат во „Дрисла“. По извршување на уништувањето ние добиваме записник за извршеното уништување – вели за „Слободен печат“ д-р Ристо Пејков од ГОБ „Свети Наум Охридски“ .
На „Дрисла“ ѝ треба ограда и нов инцелератот за да се спречи загадувањето на околината