
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Рашела Мизрахи: Бугарската држава и никој друг ги депортираше македонските Евреи во логорот на смртта
Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година градовите Битола, Штип и Скопје биле блокирани, а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март започнало собирањето на Евреите.
Препорачано
Од куќа до куќа оделе по неколку вооружени полицајци, агенти и војници и ги собирале Евреите. Во скопски Монопол, во нехумани услови биле интернирани овие луѓе од каде потоа биле спроведени во логорот на смртта во Треблинка.
Повеќе од 7.144 или 96 проценти од вкупниот број на Евреи се депортирани од Македонија и никој од нив се нема вратено.
Македонија денеска одбележува 81-годишнина од депортацијата на своите граѓани.
– Ова е најтажниот ден за Евреите во Македонија, ова е денот кога се сеќаваме на минатото коешто е означено со депортацијата на Евреите од Македонија во најголем процент од Европа, 96 проценти од еврејството на Македонија е депортирано во три конвои на 23, 26 29 март 1943 година на пет дневно патување во Треблинка од коешто никој не се врати – вели пратеничката во македонското Собрание, Рашела Мизрахи, која е потомок на ретките еврејски семејства кои успеале да ја избегнат депортацијата во логорот на смртта.
Таа во интервјуто на утринската програма на Слободен печат, вели дака на депортацијата организирана од страна на бугарските власти ѝ претходеле законите за Заштита на нацијата и Еднократно плаќање на данок, кои се донесени со указ на Цар Борис Трети, со што бугарската држава ги внела антисемитските норми во своето законодавство по урнек на нирнбешките закони на нацистичка Германија.
– Од тука знаете оние тези коишто ги слушаме од некои параинтелектуалци од Бугарија паѓаат во вода, дека се работи само за администрација и администрирање на македонските Евреи поради тоа што со окупација на територијата на Македонија, всушност се носи војска, судство, свештенство, образованието се модулира – тврди таа.
Мизрахи се осврна и на самиот начин на кој биле третирани Евреите по собирањето во скопски Монопол, каде им била сервирана солена храна без вода, регистрирани се поголем број на силувања и убиства на деца. Ова се случувало пред нивната депортација со вагоните на Бугарска железница, додека биле под јурисдикција бугарската држава.
Во интервјуто Мизрахи се осврна и на потеклото на македонските Евреи, како и на начинот на кој свирепо биле убивани. Таа потенцираше и дека логорот во Треблинка преставувал исклучиво место кадешто Евреите од цела Европа биле физички елеминирани и немал никаква друга намена во плановите на нацистите.
Целото интервју со нашата гостинка погледнете го во видеото.