ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Професор Тоновски: Можете да замислите кога би се објавил еден текст со наслов „Големите лаги на малите политики“

Ѓорѓи Тоновски/Слободен Печат/фото Слободан Ѓуриќ

Изборите во Македонија се очекуваат со одредено ниво на неизвесност околу тоа која политичка партија ќе има поголем број мандати, од една страна и која од нив ќе биде во можност да формира влада, од друга страна.

Граѓаните може да бидат доведени во ситуација да не им бидат понудени нови политички идеи, односно политичките партии да повторуваат стари фрази и како резултат на слаба понуда да има низок одѕив на изборите.

-Во почетокот на овој разговор сакам да укажам дека политиката е многу битна област од човековото живеење и работење и во тој контекст би се повикал на мислата на старогрчкиот говорник, државник, војсководец и владетел Перикле кој рекол дека „тие што не се интересираат за тоа што им се случува во заедницата и не се занимаваат со политика се идиоти “. Лично и според професијата не го исполнувам овој услов на Перикле и ја следам политиката лично и професионално. Морам и да констатирам од сето ова што се случува кај нас знае и глава да не боли, да сме конфузни и збунети и да не знаете „што се тркала зад брегот“. Ова го изјави Проф. д-р Ѓорѓи Тоновски, социолог во емисијата Слободен печат.

Во Македонија и во држави во регионот има периоди на лоши политичари и на водење лоша политика по интересите на граѓаните. Истовремено, поради таквата долгорочна состојба многубројни граѓани не можеа да изберат подобри политичари решија дека за дел од нив најдобро решение е да замината од државата.

-Во секој случај голем придонес за таквото однесување на мнозинството граѓани има влијание, од една страна и постои замор кај граѓаните во поглед на нивните очекувања за подобро општество, од друга страна. Промените што ги очекуваа граѓаните со промената на власта дека ќе биде подобро не се случија, но истовремено тие и натаму остануваат оптимисти дека може да биде подобро. Факт е дека крајните песимисти не можат да имаат право во оцената на општествената состојба, па и со краен дефетизам дека „од Македонија нема ништо да биде“, потоа дека „не сме народ што може да гради држава“ и сл,- изјави професор Тоновски.

Од 90-тите години македонските граѓани редовно излегуваат на избори и се определуваат за една од политичките партии. Во јавноста остануваат запаметени одредени изборни слогани што привлекоа значителен број граѓани, но истите тие и сите други по извесно време се почувствуваат измамени од ветеното и нереализираното од политичките партии. Дел од тие слогани се „чисти раце“ „Промени“ „Договор со народот“ „Милијарда инвестиција“ и други, а последниот беше „Нема правда – нема мир“.

-Можете да замислите кога би се објавил еден текст со наслов „Големите лаги на малите политики“, а првата таква лага е изјавата на тогашниот лидер на опозицијата „Солун е наш“, а потоа се редат и други и многу се. Јавноста ги памети изјавите дека ќе биде фатен октоподот, а од него ни трага ни глас. Кога би споредувале даденото ветување за донесување милијарда долари и за фаќањето на октоподот, можам да мислам дека можеби имало некоја држава што би инвестирала во Македонија, но да ветите дека ќе го фатите октоподот и да ви поверуваат е тоа многу тешко. Сега 30 години од ветувањето дека Солун е наш и неколку години од потпишувањето на Преспанскиот договор, можам да забележам дека во северниот дел на Грција се случуваат промени на овој план и може да се слушне македонска песна, истакна Ѓорѓи Тоновски, социолог.

Целото интервју со проф. д-р Ѓорѓи Тоновски погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот