
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Помагајте, стар сум и сам, децата ми се во странство! ЦУК прима и до 3.000 повици дневно
„Помагајте сам сум, нема кој да ми ја отвори вратата, да ми даде лекови!“ Ова е само еден од повиците кои ги примиле вработените оператори во Центарот за управување со кризи. Добиле и повик од пијан скопјанец кој наместо во својот стан се разбудил во станот на љубовницата и побарал помош на 112. Операторите секојдневно се сведоци на разни ситуации и необични повици кои преминуваат во анегдоти.
Препорачано
Како функционира системот на пријавување на итни случаи 112? На кој начин се одредува кој е приоритетен повик? Кој период од годината е најкритичен со повици? Kои сe најинтересните повици кои ги добиле оперaторите? За „Слободен печат“ зборува Ивица Додевски, раководителот на секторот за пријавување итни повици 112, при Центарот за управување со кризи.
„Системот се состои од број 112 на кој граѓаните пријавуваат итни настани. Под итни настани се подразбираат настани коишто се во тек и настани кои им го загрозуваат животите и материјалните добра на граѓаните. Граѓаните се јавуваат, операторите го примаат повикот, се претставуваат и ги собираат основните податоци, а со тоа се одредува за која институција е наменет повикот, полиција, брза помош, пожарна… “, вели раководителот на 112, Ивица Додевски.
Тој вели дека операторите во тек на сезона на пожари опслужуваат над 3.000 повици дневно.
„Операторите може да примаат поголем број повици, но некој дневен просек е од 1.500 до 2.000 дневни повици, во зависност од сезона. Ако е сезона на пожари, имаме преку три илјади повици дневно“, изјави Додевски.

Додевски вели дека е потребно и повиците кон полицијата во Скопје да бидат префрлени на бројот 112.
„Иако системот 112 е замислен како едиствен број за итни повици, сепак не функционира така. Ние ги обединуваме повиците, меѓутоа повиците кон 192 (полиција) во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Струмица и Охрид. Само во Скопје повиците кон полицијата не се префрлени“, изјави Додевски.