ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Пехчевски: Вложувања во гас не ни се потребни, треба да се насочиме кон обновливи извори на енергија

Зелената транзиција кон обновливи избори на енергија кај нас е веќе започната и имаме уникатна можност да го прескокнеме оној транзиционен период за гас што се случуваше во други земји, токму поради тоа што има пониска цена од обновливи извори на енергија отколку од фосилни горива.

Производството на нашата домашна електрична енергија доминантно доаѓа од термоелектраните, а загадувањето е алармантно, посочува во разговорот за утринската емисија на „Слободен печат“ Давор Пехчевски, енергетски координатор во „Банквоч“, аналитичка мрежа во 13 европски земји. Тој вели дека во таа насока ништо не се прави, но дека е видлива транзицијата во обновливи извори на енергија. Притоа, потенцира дека Македонија сега ја има уникатната можност да ја прескокне гасификацијата, стар модел што веќе е надминат.

– Работите што сега се одвиваат се одење по инерција, некои стари планови, а градењето на гасни централи е еден од тие стари планови. Зелената транзиција кон обновливи избори на енергија кај нас е веќе почната и имаме уникатна можност да го прескокнеме оној транзициски период за гас што се случуваше во други земји, токму поради тоа што има пониска цена од обновливи извори на енергија отколку од фосилни горива. Инвестициите во тие капацитети се случуваат некако сами по себе, не треба никој да ги форсира, а инвестициите во гасна инфраструктура се исфорсирани, затоа не се реализираат и се влечат со години – вели Пехчевски.

Според него, мит е дека базна енергија може да се добие само во големи индустриски капацитети.

– Со доволно инсталирани капацитети на сончева и ветерна енергија, целиот систем ќе се преврти наопаку и тие постепено ќе се префрлат во улога на базна енергија, а постојните хидрокапацитети, заедно со капацитетите за складирање и со подобрена интерконективна поврзаност со соседите, ќе се користат за пополнување на празнините, односно за балансирање. Има примери во Европа каде што целиот систем се менува и каде што клучна улога има децентрализацијата, значи бегање од големи капацитети и децентрализација во домаќинства, во енергетски задруги. Не така далеку, еве во Грција, има повеќе од 1.700 енергетски задруги. Во моментов нивниот инсталиран капацитет е поголем од капацитетот на нашите термоелектрани, а има барања за приклучок за уште петпати по толку. Кај нив веќе станува очигледно во практика дека новиот модерен децентрализиран систем ги променува и потрошувачките навики, вечерните пикови се намалуваат и се губат, а луѓето сè повеќе се потпираат на сопствено производство или на здружување со соседите – вели Пехчевски.

„Банквоч“ неодамна објави публикација „Усогласи или затвори“, која се однесува на термоелектраните во Западен Балкан, а во која е потенцирано дека емисиите на сулфур диоксид од двата блока на РЕК Битола се 10 пати над дозволеното.

– Според една постара процена што ја имаме, економските последици од загадувањето во термоелектраните Битола и Осломеј, годишно изнесуваат од 20 до 30 милиони евра. Анализите покажуваат и 19.000 предвремени смртни случаи само од работите на термоелектраните во Западен Балкан. А, загадувањето не познава граници – вели Пехчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот