Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Пандов: Затворениците вршат тортура врз затворските полицајци, корупцијата е на високо ниво

Изградба на затвореното крило на затворот Идризово, вработување на стотина затворски полицајци, сузбивање на корупцијата во затворите и другите девијанти појави, стратегија за ресоцијализација, рестартирање на затворската економија, се дел од визијата на директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов за тоа како да се подобрат состојбите во македонските затвори. Наследивме гнил затворски систем во кој од затворениците стравуваат затворските полицајци, а имало и повластени затвореници кои неосновано стекнувале привилегии и ги злоупотребувале со амин на раководството на затворските установи и тоа се работи кои мора итно да се сменат, дециден е Пандов во интервјуто за емисијата „Слободен печат“.

Тој во изминатиот период од именувањето за директор на Управата ги посети македонските затвори. Станува збор за 12 затворски установи и две отворени одделенија во Велес под КПД Идризово и во Крива Паланка под Кумановскиот затвор и констатира дека состојбата е лоша од повеќе аспекти што ги прави затворите „хотел промаја“.

– Во минатите години на затвореници со многу висок ризик им било дозволувано да излегуваат, да влегуваат кога сакаат, како сакаат. А третманите кај затворениците се различни. Има В (затворен), Б (полуотворен) и А (отворен) третман во којшто затвореникот може и работно да биде ангажиран, да излегува од 7-8 часот наутро до 3, 4, 5 часот попладне да се враќа. Тие третмани се во зависност од тежината и од должината на казната. Околу тоа се правени страшни злоупотреби. Значи луѓе што никако не би смееле да бидат со Б или А третман, тие им биле доделувани. Во одредени затвори на пишана молба на затвореник дека му е Курбан Бајрам и дека сака дома да биде, со приватни возила, со затворска полиција биле носени до нивните домови. Сето тоа е нешто по кое во буквална смисла македонските затвори личеа на „хотел промаја“. Не можам да кажам дека сега сè е сменето, но верувајте ми во голема мерка има промени – вели Пандов.

Според извештајот на Советот на Европа за 2023 година, Комитетот за спречување на торутура констатира дека условите во затворот Идризово се ужасни, и повикува на поголеми инвестиции за подобрување на условите во затворите. Исто така, за Идризово се констатира дека постои и физичко малтретирање на затворениците од страна на затворскиот персонал, има продолжена изолација на проблематични затвореници, насилство меѓу затворениците како и нехигиенски и небезбедни услови.

– Тортура да, меѓутоа тортура на вработените, на затворска полиција и на луѓе од ресоцијализација. Јас одговорно ова го велам. Најмалку тортура имало спрема затворениците. Тие што биле истортурирани, измалтретирани се моите затворски полицајци и луѓето од ресоцијализација и тоа било така. Е сега доаѓаме до условите. Ги менуваме состојбите. Ако вие ги ставите луѓето во ред, најголем дел, иако се тоа затвореници, тоа се луѓе коишто го почитуваат куќниот ред и гледаат да си го поминат тој затворски живот на најмирен начин. Меѓутоа имате луѓе коишто се психопати, имате луѓе коишто реално, по ДНК се криминалци. Лошото е што на тие криминалци им било дозволувано да се изживуваат, повторно ќе речам и врз вработените пред сѐ и над сѐ, меѓутоа за жал и врз затворениците. Е сега доаѓаме и до корупцијата. Несомнено е дека по македонските затвори, и не само по македонските затвори и во сите затвори во светот постои корупција, меѓутоа корупцијата во македонските затвори била на многу високо ниво. Таа потекнувала од раководните структури па одела нанадолу – дециден е Пандов.

Тој најави казни па дури и откази од работа за затворскиот персонал зашто коруптивните дејства нема да се толерираат во затворите, што е генерално и политика на Владата на Мицкоски.

– Не може некој затворски полицаец да е корумпиран, да прави девијантни појави, а неговите колеги да не го гледаат тоа. Тие вработени во затворите сега се лоцирани, детектирани и ве уверувам дека тие ќе бидат дисциплински казнувани и најверојатно, најголем дел од нив ќе гледам да бидат избркани од работа. За проблематичните затвореници имаме начин, имаме метод и тие веќе го гледаат тоа и знаат дека ако некој од нив продолжи така да се однесува, дека тоа нема да биде толерирано и дека тој ќе биде сместен во други установи, исто затвори, меѓутоа тој комодитет што го имале досега нема да го имаат натаму. Кај мене има повеќе од решеност и волја и желба и за цела среќа имам максимално и разбирање и согласност од останатите директори, заповедници, раководни лица по затворите. Сите тие го препознаваат новиот тренд и желбата и волјата да се сменат работите. Морам да напоменам дека за сето ова јас го информирам премиерот Христијан Мицксоки, имам одлична комуникација со мннистерот за правда Игор Филков и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и државата е повеќе од решена, како и за целиот криминал што постои во државата така и за овој во затворите, ќе се менуваат работите, ќе видите – нагласува Пандов.

Со измените во Законот за извршување на санкции од април годинава функционира и Интервентната затворска единица која треба да се доекипира за да врши спроводи на опасни лица до судница, до болница или преместување во други установи. Во идниот период, односно со буџетот за 2025 година се очекуваат стотина вработувања во затворите, а најдобрите од нив ќе влезат во оваа интервентна единица.

– Во полуотворената зграда кадешто имавме сместено затвореник од многу висок ризик од безбедносни причини затворениците правеа сè да бидат тргнати од тоа полуотворено одделение. Не постоеше затворски полицаец кој сакаше да работи во тоа полуотворено затворско одделение бидејќи тој затвореник ги тепаше, ги напаѓаше, ги уценуваше, ги рекетираше, што сè не им правеше и на затворениците, но страдаа и затворските полицајци. Да напоменам дека во изминатите 2 години 17 возила на затворски полицајци се запалени. Тој затвореник веќе не е во полуотворено одделение, а притоа имавме 50-60 слободни кревети. Дневно по пет барања имаше од затвореници до Управата кои молеа, колеа, преку адвокати да бидат преместени од таму, каде било само да не останат таму. Тој затвореник веќе не е таму, тој е сместен во друг затвор, во посебна ќелија и него сега го чува Интервентната полиција. Има неколку такви лица кои сега се преместени во такви ќелии и тоа ќе биде со секој еден што не го почитува куќниот ред, што ги напаѓа затворските полицајци, затворениците и луѓето коишто работат на ресоцијализација. Состојбата беше влошена па имаше десетици луѓе од затворската полиција и од делот за ресоцијализација кои, од страв за своите животи, за сопствените семејства, напуштаа работа. Притоа морам да напоменам дека вработените по затворите имаат бенефициран стаж и имаат 30 проценти додаток на ризик. Затворски полицаец зема поголема плата од обичен полицаец. Станува збор за опасни установи – вели Пандов.

Тој рече дека планира на повеќе нивоа во наредниот период да се подобрат условите во македонските затвори во кои дури 67 проценти од затворениците се повратници, па преку нивна ресоцијализација и работно ангажирање, со рестартирање на затворската економија и воведување на образование за осудениците да се изгради затворски систем на ниво на европските земји. Најлоша е состојбата во најголемиот македонски затвор КПД Идризово каде затворски казни издржуваат половина од вкупната затворска популација од 2.400 осуденици. Отвореното и полуотвореното одделение се изградени и пуштени во фунција во 2018 година, но остана затвореното одделение, изградено во далечната 1946 година за политичките затвореници чија изградба е стопирана во моментов и потребни се дополнителни средства за да се заврши втората фаза од проектот финансиран со заем од Европската банка за реконструција.

– Во 2010 година е земен кредит од 40 милиони евра, потрошени се 15-тина милиони, околу 25 милиони евра се останати, меѓутоа во меѓувреме пораснаа трошоците за градба и сега се потребни некаде околу 16 милиони евра владата да ги уфрли во тоа купче за втората фаза која подразбира целосно ново затворено одделение да направиме, а тоа се повеќе згради, како и притворска зграда, нова амбуланта, перална, кујна. Овие пари, 25 милиони се под мораториум. Најкритична е таа зграда и јас се надевам дека извештајот на КПТ ќе биде добар и тој мораториум на парите ќе биде тргнат и со господ напред догодина ние ќе распишеме тендер и ќе започне градбата. Проценката е дека ќе бидат потребни некаде околу 40 месеци да се изгради тоа што е планирано во втората фаза. Јас сум отпимист дека до крајот на мандатот тоа ќе успееме да го направиме – вели Пандов.

Целото интервју со директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов погледнете го во видеото:

 

ВИДЕО | Пандов: Затворскиот систем е гнил, со електронски алки може да се реши пренатрупаноста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот