Мирослав лабудович - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мирослав лабудович - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ Мирослав Лабудовиќ: Мојата визија е безбедна, чиста и одржлива Општина Центар

Мојата визијата е да имаме квалитетен, урбан живот, да имаме рамномерен развој и економски и урбан, да размислуваме за енергетска ефикасност што повеќе, домовите да бидат потопли, да бидат со помали економски трошоци. Да имаме безбедна, чиста и одржлива општина, вели Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар, предложен од ЗНАМ.

Лабудовиќ во моментов е заменик-министер за енергетика, рударство и минерални суровини, а во интервјуто за „Слободен печат“ потврди дека зад неговата кандидатура покрај сопартијците од движењето ЗНАМ, ќе застанат и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, коалициски партнер во Владата.

– Јас сум кандидат на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, со полна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Таков договор направивме партнерски, таму каде што ВМРО-ДПМНЕ има свои кандидати во општините, движењето ЗНАМ да ги поддржи, а таму каде што ЗНАМ има свои кандидати, ВМРО-ДПМНЕ да даде потполна поддршка. Центар е една од општините во кои ДПМНЕ нема свој кандидат. Досега е договорено за две општини, Куманово и Центар, и тука мислам дека ќе завршиме со наши кандидати, меѓутоа ќе им дадеме потполна поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да истакнам дека во повеќе од 50 општини во Македонија и во градот Скопје, движењето ЗНАМ има сопствена советничка листа – вели тој.
Лабудовиќ е дециден дека во кампањата, која патем с
è уште официјално не е почната, нема да дава нереални ветувања.

– Сите ние што живееме во Центар се соочуваме со истите проблеми, истите работи нè фрустрираат и верувам дека сите знаеме како тоа треба да го направиме заеднички. Затоа е тука општината, како некој ветар во грб, за да ги реализираме сите тие активности што сме ги напишале, што сме ги договориле и што се реално изводливи. Во нашата кампања нема да ветиме ништо што не е реално изводливо, не сакам никој да нè држи за збор дека не сме го исполниле тоа што сме го ветиле – изјави Лабудовиќ.

За проблемот со загадувањето, Лабудовиќ е свесен дека градоначалник на една општина не може многу да стори, бидејќи проблемот е глобален, а решението ќе мора да се бара во договор со другите градоначалници од Скопје. Сепак, тој е уверен дека е кадарен да го исчисти ѓубрето и сметот од Центар.

– Пред сè, да почнеме од тоа да ја исчистиме темелнo општината, да направиме пресек и да почнеме да го одржуваме тоа, бидејќи Општина Центар е сериозно валкана, хигиената е на многу ниско ниво – тврди Лабудовиќ, кој додава дека планира од отпадот да произведува енергија по примерот на други урбани центри во Европа.

За урбаната мафија и за прекумерните градежни активности во Општина Центар, тој вели дека може успешно да се избори со проблемот во соработка со преостанатите надлежни институции во Македонија.

– Мора да се обезбеди контрола на градежниот сектор, да не биде вака агресивна изградбата што се случува сега со не знам колку многу градежни локации што ги имаме и за кои лично сметам дека голем дел од нив се небезбедни. На пример, кога ќе отидете во странство, не можете да видите дека зградата се гради. Целосно е заштитена, има соодветни мрежи што го намалуваат ширењето прашина – додава Лабудовиќ.

За хаосот во сообраќајот, кој е голем проблем во Општина Центар, тој смета дека решението повторно мора да се пронајде во соработка со Градот и со другите општини, а голема надеж тој има во најавената изградба на железничка инфраструктура во делови на Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот