
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Мариновска: Од презаштитување децата не знаат да одат, да трчаат, да се пуштат по лизгалка
Имаат ли децата потреба од физикална терапија? На кои деца им е потребна? Дали само предвреме родените деца подлегнуваат на третмани? На оваа тема зборуваме со магистер Дијана Мариновска, детски физиотерапевт од приватната болница „Аџибадем Систина“. Статистиката вели дека околу 20% од предвреме родените деца нормално се развиваат, меѓутоа останатите 80% имаат потреба од физикална терапија. Мариновска вели дека не може секој физиотерапевт да работи со бебиња. Потребна е дополнителна специјализирана обука.
Препорачано
– Времето е многу битно кај бебето и она што можеме да го постигнеме во првата година. Пластичноста на мозокот што ја искористуваме во првата година ни дава најбрзи резултати во подобрување на сликата кај бебето. Практично ако се родени во 26-та недела веднаш имаат потреба од физикална терапија – вели Мариновска.
Таа објаснува дека бебињата што се порано родени доаѓаат на свет, со недоразвиени бели дробови, недоразвиен мозок. Тие работи ги прават најголемите компликации. Бебињата не можат да земат воздух на самото раѓање или имаат крвавење на мозокот кој потоа прави компликации во развојот.
-Тие бебиња се веќе ризични, потоа можат да развијат и церебрална парализа. Таа се дијагностицира дури по втората година од животот, но можеме да видиме знаци за тоа многу порано. И затоа се почнува многу рано со физикалната терапија. Почнуваме уште на првиот, вториот ден – вели Мариновска.
Таа објаснува дека иако бебињата се во инкубатор, родителите добиваат инструкции што и како треба да прават. Бебето се поставува на стомак, се масира, се стимулира во првите три месеци со звук, со боја, тоа е главната стимулација за развојот на бебето во првите три месеци.
-А потоа продолжуваме низ игра. Сите бебиња плачат, но тие плачат затоа што имаат отпор кон нешто ново, затоа што се плашат од некој непознат, затоа што им е тешка вежбата. Тие брзо се заигруваат, им станува интересно и кога ќе видат дека можат, тоа ќе има една многу пријатна атмосфера за игра. Можеби најголемиот предизвик ни е да ги убедиме родителите колку треба да работат дома, колку да се посветат, да не им се даваат телефони на бебињата и да не ги презаштитуваат – вели Мариновска.
Таа објаснува дека на бебињата треба да им се дозволи да истражуваат, да допираат, да се развиваат.

-Така се развива мозочото, преку движење, преку пипкање, преку ставање во уста. Па, многу често гледам родители каде што велат, не, не рацете во уста. Треба да сфатат дека така се стимулира, така осознава бебето, така ги осознава рацете, а така се стимулира и за зборување. Играчките така ги спознаваат. Од приказна каде што сме очекувале дека детето ќе заврши со некаква дијагноза, се случува често да излезе здраво дете без проблеми – вели Мариновска.
Таа вели дека телефоните треба да се тргнат од развојот, да му се дозволи на детето да истражува, да се движи, не да лази на едно просторче што го ограничува во домот, или да се шета надвор само во количка, да се пушти да ја искуси тревата, песокот, земјата, да си игра со камчиња, да трча по камчиња.
-Веќе се среќаваме со деца коишто не знаат да одат, односно деца што се сопнуваат на нерамен терен, или се научени само да одат каде што е идеално рамно. Деца кои се научени да се однесуваат само во домашни услови, а надвор не знаат да се однесуваат затоа што се презаштитени. Не знаат да се лизгаат, да се лулаат, се плашат да се качат на дрво, да трчаат. А така се развива самодовербата на детето – вели Мариновска. Таа вели дека во вториот месец, бебињата треба да имаат позиција на стомак да се потпрат на подлактница, да ја свртат главата лево-десно, да се заинтересираат. Третиот месец, веќе, очекуваме децата да се грабаат за играчки. Петтиот месец, да се подигнат со дланките и да лазат, а вртењето треба да почне околу 4,5 до 6 месеци. Проодуваат од 12 до 18 месеци – вели Мариновска.