
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Македонците читаат книги, домашните автори најбарани во 2024 година, вели Јуруковска
Предрасуда е дека младите не читаат книги, вели за „Слободен печат“ Александра Јуруковска, книжевен критичар, вработена во библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Во разговор со неа направивме една книжевна ретроспектива за годината во изминување, за тоа кои настани се издвојуваат, кои се најпозајмувани книги, за зголемениот број на членски картички и за зголемениот интерес за читање кај децата и младите.
Препорачано
-Водиме статистика на месечно ниво. Во октомври и ноември бележиме драстично зголемување на членски картички во библиотеката. Нè радува и тоа што редовно се продолжуваат картичките кај старите членови. Воодушевува податокот што децата и младите сè повеќе имаат интерес за читање книги. Предрасуда е тоа дека младите не сакаат да читаат, ситуацијата во библиотеката го говори спротивното. На нашите настани редовно имаме млада публика – вели Јуруковска.
„Антологија на иднината“ е книгата што ја одбележа 2024 година за библиотеката „Браќа Миладиновци“. Се работи за производ излезен од работилниците за креативно пишување коишто ги водеше писателот Александар Русјаков.
-Околу 30 средношколци и студенти ги посетуваа бесплатните креативните работилници. Ние сакавме да покажеме дека младите креативци тука треба да го препознаат своето место каде што може да творат. Се формираше одлична група, напишаа дела коишто ги зачувавме меѓу корица, во збирка. – вели Јуруковска.
Кај читателите најпопуларни оваа година беа бестселерите како делата на Лусинда Рајли, Сара Џио, Колин Хувер, но на нивна огромна радост како што вели, Јуруковска, има експанзија за современи македонски автори.
-Нашата кампања „Читаме современи македонски автори“ имаше огромно влијание не само врз читателите, туку и кај нашите колеги, забележуваме како по нашиот пример и во другите библиотеки почнуваат да се афирмираат домашните автори, новите дела. Читателите се интересни откако ќе прочитаат првпат нешто од македонски автор и кога ја враќаат книгата бараат дали има нешто друго од истиот автор. Тоа нè радува и ни покажува дека не треба да постои скептицизам за македонските современи автори и дека треба да им се даде шанса – рече таа.
„Хотел меѓу две војни“ на Русјаков, „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Слобода А“ од Ана Голејшка Џикова, „Сè уште можам нешто“ да сторам од Фросина Пармаковска, „Суво мастило“ од Владимир Илиевски се дел од популарните книги од наши автори.