Моника Коцарева , модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Коцарева: Париз е вистинското место за да ја покажам уникатноста на моите креации

Моника Коцарева е една од најпознатите македонски модни дизајнерки, чии креации се издвојуваат со елеганција и стил. Од Охрид до Париз, нејзиниот бренд „Коцарева“ постојано расте и се развива, а самата Моника, како мајка, сопруга и успешна жена, го балансира професионалниот и личниот живот, покажувајќи успех во сите сфери.

Нејзините креации се нежни и моќни, секоја од нив носи посебна енергија и уникатност.

 

За  „Слободен печат“, Коцарева вели дека љубовта кон модата почнала уште од најраните години.

-Јас сум архитект по професија, но љубовта кон модата отсекогаш ми била најсилна страст.
Уметноста беше моја јака страна уште од дете – вели Коцарева.

Моника Коцарева, модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Нема случајности во тоа што Коцарева веќе девет години го води својот бренд. Почнала со малото ателје во Охрид, а денес има  модно студио и во Скопје. Таа исто така работи со онлајн продажба, а клиенти има насекаде по светот.

Коцарева е препознатлива на македонската модна сцена како моќен креатор и верува во глобалната промоција на својот бренд.

-Моите колекции се наменети за храбри жени кои сакаат уникатен дизајн и врвна изработка. Овие жени не се плашат да се истакнат, да покажат кои се и да се чувствуваат моќно – вели таа.

Моника Коцарева , модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Една од најголемите амбиции на Моника оваа година е учеството на престижниот „Париз фешн вик“, и гордо објаснува дека оваа ревија за нејзиниот бренд ќе биде најголем предизвик досега.

-Мојата цел е да го претставам македонскиот бренд на глобално ниво. Иако работам локално, сакам да делувам глобално. Париз е вистинското место да ја покажам уникатноста на моите креации и да ги донесам во светот – додава Моника.

Таа вели дека патот до успехот не е секогаш лесен. За да се биде успешен моден дизајнер тој треба постојано да се надоградува.

-Никогаш не се споредувам со другите. Мојот успех се гради преку постојано учење и усовршување. Секој пад ми бил лекција која ме направила посилна – вели таа.

Моника Коцарева , модна дизајнерка / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот