Никола Кимовски, в.д. директор на МНТ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кимовски: Според публиката, претставата „12“ ја одбележа 2024 година во МНТ, мене ми е тешко да издвојам

Година полна со новитети, премиери кои не дозволија салата на Македонскиот народен театар (МНТ) да остане празна. Летната сцена „Славиша Каевски“ собра 8.000 посетители и беше виситинско освежување на културната сцена, а идејата е, како што вели Никола Кимовски в.д. директор на МНТ, овој настан да прерасне во традиција.

– Летната сцена на платото пред реката Вардар, на нашата тераса немаше претходно функција во склоп на театарот, тоа го направивме од сопствени средства и успеавме да донесеме млади музички артисти, театрски претстави, и наши и гостувања од останатите театри во Р. Македонија, и можам да кажам дека сме многу задоволни во однос на посетеноста, бидејќи е сепак прв проект и изненадување и за самата публика која реагираше во голем број. Летна сцена „Славиша Каевски“ е направена во име на нашиот прерано починат колега и голем актер – рече за „Слободен печат“ Кимовски.

Кимовски е горд на успесите коишто театарот ги реализирал, а за тоа зборуваат и бројките на продадени билети.

– Статистиката вели дека за ланската сезона во целата година се продадени безмалку 50.000 билети, а од моето назначување, од месец јули досега се продадени 54.600 билети – вели Кимовски.

За нашиот соговорник беше тешко да издвои една претстава која ја одбележа годината во изминување, но публиката веќе си го кажа своето.

– Од позиција на директор неблагодарно е да издвојам една претстава. Но, доколку ја прашуваме публиката, можеби таа ќе каже претставата „12“, а тоа ни го потврдува и продажбата на билети. Морам да споделам со вас дека само кратко откако ги објавивме првите фотографии како најава, веднаш почнаа да ѕвонат телефоните и заинтересираните да прашуваат кога ќе има билети на продажба. За јавноста е веќе познато дека до пролет се распродадени сите билети за оваа претстава – рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот