Пр - Горан Марковски - независен кандидат за градоначалник на град Скопје - Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Пр - Горан Марковски - независен кандидат за градоначалник на град Скопје - Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Горан Марковски: Природните катастрофи се помало зло за Скопје од нас самите

Се појавува кандидат за градоначалник на Скопје кој е независен, кој не доаѓа од политичка партија, кој не е обременет со разно-разни калкулации пред и после изборите. За прв пат, или како ретко до сега, се појавува кандидат којшто зад себе има 40-годишно искуство во областа на проектирањето и реализацијата на сериозни инфраструктурни објекти и зад себе има стекнато знаење и стручност да може реално да се носи со проблемите на нашето Скопје, а тие не се нималку лесни, нималку едноставни и се многубројни, вели за својата кандидатура Горан Марковски, кандидат за градоначалник на Скопје, поддржан од „Независни заедно“.

Марковски е декан на Градежниот факултет при УКИМ, а во интервјуто за „Слободен печат“, за урбанистичките решенија на Скопје вели дека се резултат на повеќедецениското додворување кон инвеститорите.

– Едноставно се подлегна под притисокот на капиталот. Имаме едно чудно решение кое се провлекува низ општините, а тоа е новите урбанистички планови да бидат нарачувани од потенцијалните инвеститори. Што може човек да очекува, за каков заеднички просторен квалитет можеме да размислуваме, ако најважната цел на инвеститорот е профитот? Прво што треба да се направи е да се тргне од можноста во правилникот, односно во законската регулатива, изготвувањето на урбанистичките планови да потекне од заедницата, од општината, од градот. И да биде нарачан и платен од страна на Градот или општината. Не се исклучува можноста повторно да има некакви несоодветности, меѓутоа, ревизијата на тие планови ќе биде доверена на многу стручни лица коишто ќе водат сметка. Тоа е една мерка која може да се донесе за еден ден – вели тој.

Марковски смета дека во изминатите три децении урбанизмот на Скопје му има направено штета еднаква на онаа од земјотресот во 1963 година. Сепак, градежниот инженер тврди дека градот може да се спаси.

– Скопје се издигнало и после палењето од Пиколомини, и после поплавата, и после земјотресот, така што Скопје секако дека може и има можност да се издигне и сега. Мораме да си признаеме дека е пропуштена големата шанса којашто ни е дадена после скопскиот земјотрес во 1963 година, кога целокупната светска јавност и струка биле концентрирани на обновата на Скопје. Тоа може само да го сонуваме денес, не само Скопје, кој било град во светот може само да сонува за таква поддршка. Можеме да сонуваме да ни биде подарен урбанистички план, да ни биде подарен Институт за земјотресно инженерство, тоа се вредности коишто не така често се добиваат во светот. Ние таа шанса ја испуштивме, но тоа е што е, треба да се обидеме сега да создадеме нови шанси за Скопје. Ако во 1963 година природата била причина за катастрофата, поболно е што овие 30 години ние сме причината за таа катастрофа – оценува тој.

За загадувањето вели дека е битно да се детектираат причинителите. Марковски смета дека најлесно ќе оди со индустриските капацитети, на кои веднаш ќе им наложи поставување на соодветни филтри на оџаците. Тој смета дека потешко ќе биде со сообраќајот, бидејќи голем дел од возилата што се движат по скопските улици се стари неколку децении.

– Емисијата на загадувачи и во текот на летото е голема. Меѓутоа, благодарение на топлиот воздух, волуменот во којшто штетните честици се концентрирани е многу поголем отколку што е тоа во зимскиот период. А во зима доаѓа уште и греењето. Токму поради температурните разлики и топографијата на скопската котлина, истата концентрација на загадување што ја имаме во текот на летото, се концентрира само на 20% од воздушниот волумен во текот на зимата. И оттаму мораме да најдеме начин, а постои начин, како тоа загадување да се редуцира и полека на луѓето да им се овозможуваат алтернативни начини на загревање. И како шлаг на сето ова, доаѓа тоа што го имаме последниве денови, а тоа е загадувањето од постојните депонии, што Вардариште, што Дрисла. Кој знае колку има диви депонии, за тоа подобро и да не зборуваме – додава тој.

Марковски вели и дека има јасен план за сообраќајот, но и за културата во Скопје, за која посочи дека во неа нема да има место за кичот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот