
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Петров: „Не ја чепкај бенката“ е мит, оперирај ја ако има промена, можно е да е меланом
Колку луѓе во Македонија годишно заболуваат од карцином на кожа? Како да препознаеме промена на кожата и кога е вистинско време да се побара мислење на дерматолог? Дали меланомот на кожа се лекува и како се отстранува? Во месецот за борба против меланом на кожа одговор на дел од овие прашања бараме од дерматологот доктор Андреј Петров од приватната болница Аџибадем-Систина. Статистички во земјава заболуваат од 60 до 70 пациенти на 100 илјади. Бројката на заболени е огромна ако имаме предвид дека порано имало само 5 до 10 пациенти на 100 илјади.
Препорачано
– Меланомот се искачи во статистиката на петто место на најчести тумори кои се регистрираат во земјава. Тоа е еден сериозен кожен карцином, сите други се полесни за терапија и не прават проблем. Меланомот е доста комплексен како тумор, кој е подмолен од самиот почеток, тешко можете да го откриете и голем дел од меланомите на почетокот се сметаат дека се некакви бенки и заради тоа пациентите не доаѓаат на преглед – вели Петров.
Тој објаснува дека доколку се види промена кај некоја бенка во однос на боја, форма или ако почнува да крвави, се зголемува или се издигнува над површината, тоа е аларм пациентот да дојде на побара лекарска помош.
-Скоро сите дерматолози имаат дермоскопи во своите ординации и може да се направи брз преглед и мапирање кој дава целосна слика. Тоа е карцином кој се лекува доколку е фатен на време. Меѓутоа, многу пациенти умираат од меланом. Кога се оперира се вади примарниот тумор. Но доколку метастазите се раширени во организмот, тука не може ништо да се направи. Лицето не починало заради тоа што се оперирало, тука починало заради тоа што не се оперирало на време – вели Петров.

Тој објаснува дека меланомот е малиген тумор и тој мора да се оперира. Вели дека со новите имунолошки терапии преживувањето оди и до 50 проценти.
-Ако болеста се фати во нултиот и во првиот стадиум, преживувањето е 100 отсто. Сакам да кажам дека ако навреме се открие болеста, пациентот е здрав, како да немал таков тежок малигнитет, затоа треба да се оди на преглед. Меланомот е единствен од овие кожни тумори кои никако не сме да се отстранува ласерски – вели Петров.
Тој објаснува дека ласерската хирургија во дерматологијата е многу напредна во последните 20 години.
-Не може да се замисли модерна дерматолошка амбуланта без ласерска хирургија на кожата. Ние имаме голем број машини, мислам дека се 8 ласерски системи, со кои располагаме и кои го покриваат целото портфолио на интервенција во дерматологија. Ласерот може да се користи и кај некои други типови на карциноми, но не и кај меланом – вели Петров.
Во болницата имаат IPL-ласер за третман на васкуларните промени, крвни садови, проширени вени, капилари. Q-Switch ласер се користи за отстранување на тетоважи, за отстранување на пигментација, на флеки, на дамки. CO2 ласер се користи за ласерска хирургија на кожа. За слична намена се користи и Erbium ласерот, но се користи и за одредени промени на слузниците.
-Ласерите се користат и за естетика и за подмладување, но се користат и за решавање на одредени проблеми. Значи, во денешно време се користат за отстранување на одредени бенигни израстоци на кожата, фиброми, висулци на кожата. Паралелно со процесот на интензивна желба да се стават тетоважи, почна да се јавува и желбата да се отстранат тие тетоважи – вели Петров.
Тој вели дека процесот на отстранување на тетоважи допрва ќе стане нешто што е многу актуелно. Често има и луѓе кои сакаат да заменат некоја тетоважа.
-На раката ви пишува, „го сакам Панче“, а Панче веќе го нема и треба да ја снема тетоважа. Сега сакам некој друг. Тоа е легитимно право на пациентот. Најтешки за третман, за да знаат вашите гледачи, се светлите бои. Светло жолтата и портокалова боја – вели Петров.

После отстранување на тетоважата не остануваат лузни. Третманот е релативно безболен. На истото место после извесен период може да се стави друга тетоважа.
-До 10-годишна возраст, меланомот не е опишан во светската литература. Нема убедлив доказ дека постои до 10-годишна возраст. Шпекулативни случаи имало. Обично овој тип на карцином се јавува во третата деценија од животот – вели Петров.