Оливер Јовковски/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јовковски: Карцином на бели дробови дијагностициран кај 27-годишен пациент

Загадувањето расте од ден на ден, се бараат виновници меѓу загадувачите. Колку загадувањето е поврзано со респираторните болести? Колку од болните завршуваат по болниците? Кој е во поголема опасност, децата или возрасните? Дали има повеќе грип, ковид или настинки? Утрово на оваа тема, меѓутоа и за карциномот на белите дробови, којшто е број еден по смртност кај мажите, во утринската емисија „Слободен печат“, зборуваме со пулмологот доктор Оливер Јовковски од приватната болница „Аџибадем Систина“.

– Загадувањето, особено во Скопје, е еден битен локален проблем. Заради географската позиција, локација и одредени струења на воздухот. Особено големо влијание има користењето на автомобилите, како и работата на индустријата. Тоа е проблем кој многу тешко се решава. Веќе години наназад се зборува за тоа, но многу малку се прави. Голем проблем се и термоелектраните од кои добиваме струја – вели Јовковски.

Тој објаснува дека многу тешко ќе го решиме во догледно време овој проблем. Вели дека поради недоволното движење на воздух во овој период од годината воздухот останува замрзнат над Скопје.

– Ова го надразнува горниот респираторен тракт, па долниот, а особено е изразен кај повозрасните групи и кај децата. Ова се поклопува со почетокот на сезоните на вирусите. Овој дел од годината ние почесто се собираме или остануваме во затворени простории, и тука доаѓа до комуникација на разни вируси и полесно се примаат или се задржуваат во телото, а ова значи и дека имаме повеќе болни – вели Јовковски.

Тој објаснува дека основна заштита од вирусните инфекции е општиот имунитет, природниот имунитет. Вели дека во моментов циркулираат многу вируси, а присутен е и грипот и ковид кој веќе хронично го има.

-Во принцип, зголемена телесна температура над 38 степени во тек на неколку денови е причина да се јавиме кај матичен лекар за да се направи крвна слика. Доколку нема компликации, антибиотик не се дава – вели Јовковски.

Оливер Јовковски/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Кога станува збор за карцином на бели дробови, докторот вели дека потребен е скрининг кај сите кои се над 50-годишна возраст и пушат повеќе од 20 години.

-Во САД, веќе 10 години се изведува еден вид на скрининг, којшто вклучува компјутерска томографија со мало зрачење. И Србија од оваа година се вклучи во овој скрининг метод. Ќе треба уште време за да се види бенефитот на сето ова. Ние се трудиме да ги едуцираме нашите пациенти, коишто се долгогодишни пушачи, да внимаваат да дојдат на некој вид контрола – вели Јовковски.

Докторот вели дека доколку се јави кашлица, потешко дишење, замор, кој трае подолго време, треба да се препорача да се направи еден рендген на бели дробови.

– Карцином на белите дробови може да се лекува и да се излекува, ако биде навремено дијагностициран. Проблемот е дека кај многу луѓе постојат мали промени, меѓутоа нивното дијагностицирање, следење и лекување е, навистина, неопходно. Тука веќе станува покомплицирано и треба многу да се внимава што се прави. Проблемот е само што пушачите ретко одат на какво било превентивно иследување – вели Јовковски.

За најмладиот пациент со дијагностициран карцином вели дека бил на 27 години, но дека тој настанал како резултат на одредена генетска мутација.

Оливер Јовковски/ Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

– Тоа е истовремено добро и лошо, бидејќи оваа мутација ја користиме и за лекување, односно за имунотерапија која е доста популарна во последно време – вели Јовковски.

Им препорачува на граѓаните дека не треба да ги прекинат дружбите и дека не треба да се носат маски на улици, бидејќи, навистина, ништо не помага.

– Општи мерки се да не се пие, да не се пуши, да се спортува, да се одржува еден здрав животен стил. За останатото се погрижила природата, може да се избори со тие работи – вели Јовковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот