Др - Верица Малинкова Димовска - психијатар од Систина Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Др - Верица Малинкова Димовска - психијатар од Систина Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Димовска: „Посилниот“ пол сè почесто посетува психијатар поради депресија

Колку Македонците водат сметка за своето ментално здравје? Одат ли често на психијатар? Постои ли разлика меѓу анксиозност и депресија? Се лекува ли депресијата како болест? Дали лековите се земаат како бонбони, како што често знаат да кажат фармацевтите, посебно за антидепресивите? Која е најмладата, а која е најстарата возраст каде што може да се детектира депресија? На оваа тема зборуваме со магистер-психијатар доктор Верица Малинкова – Димовска од приватната болница „Аџибадем Систина“.

Короната некако разбуди многу работи скриени кај нас. Така кога нешто нè попречува, нè ограничува, нè прави да се чувствуваме непријатно, веќе почнавме малку поотворено да го препознаваме и поотворено да бараме помош без за тоа да се срамиме. Но кај нас како општество, сè уште постои стигма кон одењето на психијатар.

– Сè почесто се среќаваме со млади луѓе кои одат на психијатар поради некои чувства коишто ги препознале кај себе. И тоа е за поздравување, затоа што сè што може да се следи, на време може да се превенира. Од периодот на адолесценција веќе имаме пациенти кои се јавуваат на психијатар – вели Димовска.

Таа вели дека депресијата не е само тага. Тагата е едно нормално чувство кое може да се појави кај секој од нас поради одредена причина.

– Меѓутоа, доколку тагата премине во една нефункционалност, безволност, проблеми со апетит, проблеми со сон, проблеми во социјалната комуникација, проблеми во работната функционалност, значи социјалната функционалност, тогаш веќе е време да посетите стручно лице. Да се поразговара, да се види до каде се работите и да се интервенира. Дали тоа ќе биде само психотераписки, дали тука ќе биде потребна и фармаколошка поддршка, тоа е процена на лекарот кој го извршил прегледот и ја направил проценката – вели Димовска.

Таа објаснува дека анксиозноста е еден вид на напнатост, вознемиреност, раздразливост и многу често знае да оди рака под рака заедно со депресијата. Затоа имаме и анксиозно-депресивен синдром.

– Депресијата е состојба и болест. Тоа е еден вид растројство на емоциите. И да, депресијата се лекува и тоа е она што треба секој еден од нас да го запамети. Може да биде блага, умерена, тешка депресија, може да е сезонска депресија, може да е постпородилна депресија. Психотерапијата секогаш треба да биде дел од лекувањето. Депресијата многу често изгледа безнадежно во очите на тој што ја доживува. Меѓутоа, како што спомнав претходно, депресијата се лекува – вели Димовска.

Таа објаснува дека антидепресивна терапија не е парацетамол, или бруфен, се зема подолг период, а треба и време за да почне да делува.

-Минималниот период за да се биде на антидепресивна терапија е 3 до 6 месеци, но иницијално да речеме за еден добар исход ни се потребни 6 до 12 месеци редовна медикација. Депресијата може да биде повторлива и кога имаме такви случаи, повторно ги вклучуваме антидепресивите и психолошката поддршка како терапија. Различни фактори може да влијаат, како што спомнавте, и генетиката е еден од нив – вели Димовска.

Таа објаснува дека има зголемена употреба на антидепресиви поради зголемената посета на психијатри.

Др - Верица Малинкова Димовска - психеатар од Систина Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Д-р – Верица Малинкова Димовска – психијатар од Систина/ Фото – Слободен печат – Методи Здравев

– Со антидепресивите мора да се внимава. Изреката на „сосетката ѝ помогна и јас ќе го земам“ овде не смее да се прави. Кога ќе се почне со антидепресиви, мора да се внимава таа употреба да е секојдневна, во точно одредено време, на начин на кој треба, не се меша со алкохол и психоактивни супстанции и мора да биде контролирана од психијатар – вели Димовска.

Таа објаснува дека статистички депресијата преовладува кај жените, но во последно време сè повеќе мажи се јавуваат на психијатар.

– Да бидам искрена, сè повеќе мажите доаѓаат и тоа е за поздравување, не ги води мислата дека се посилен пол и не им треба помош. Болката и тагата можат секому да му се случат – вели докторката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот