
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Атанасовски: „Акреа“ е спој на модерното и традиционално културно наследство
Анета Атанасовски е историчар на уметност и археолог, а воедно и дизајнер кој во периодот на коронавирусот дошла до идеја да креира нешто автентично – современи дизајни стилизирани во израз на македонското културно наследство.
Препорачано
Стручното образование, но и долгогодишното работно искуство со културното наследство, посебно интересот за македонската етнологија, во голема мера влијаеле врз нејзиниот креативен процес.
Таа е основач на македонскиот бренд „Акреа“- дизајнирани производи инспирирани од македонското културно наследство.
Атанасовски за „Слободен печат“ објаснува дека замислата на концептот на дизајните е поврзување на минатото и традицијата со современото. Целиот креативен концепт го изработувала повеќе од две години.
-Долгогодишното работно искуство со културното наследство, љубовта и интересот од уште многу мала, коишто ги имам кон наследството и традицијата, сето тоа ме инспирираше, ме поттикна да ја создадам „Акреа“ – додава таа.

Атанасовски објаснува дека зад името на нејзиниот бренд се крие многу убаво значење, „ќерка“, „божица“ на старомакедонски, антички јазик. „Акреа“ како ќерка, женска енергија, мистичност, убавина, љубов, вештина, нежност, но и сила и моќ во исто време. Случајно или не, зборот ги содржи нејзините иницијали и кратенката од „креативност“.

За неа инспирација се раскошните, уникатни везови, богатството и автентичноста на обичаите, убавината, мистичноста. Засега фокусот на нејзиниот интерес е Македонија, а во иднина не ја исклучува можноста да создаде сличен концепт и за други култури и традиции.
-Фасцинирана сум од народните везови, од сиот нивни раскош, фасцинантните археолошки артефакти, народните обичаи – објаснува Атанасовски за „Слободен печат“.
„Акреа“ е колекција од различни производи како: памучни торби, подметнувачи за чаши, магнети, бележници за книги, маици, чаши. Во иднина, колекцијата ќе се збогатува и со други интересни производи.
Таа објаснува дека при креирање на овие дизајни, го задржува автентичниот изглед на обликот, шарата, боите, стилизирајќи ги линиите со нов, современ израз. Следната фаза е графичка обработка на цртежот. Крајот на процесот е аплицирање на соодветниот фајл на производите.

Ова интервју го затворивме со една мотивациска порака од Анета за читателите на „Слободен печат“.
-Сè што работиш, треба да го работиш со многу-многу љубов, искрена желба, многу труд и посветеност. Најважно е да веруваш во тоа што го работиш – вели Атанасовски.