Мр - Ана Антовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Мр - Ана Антовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Антовска: Треба 6, јадат 14 грама сол дневно, Македонците се хранат со пресолена храна

Како се хранат Македонците? Колку сол ни е потребна во исхраната, а колку внесуваме? Што сè солено јадеме, а не сме свесни? Има ли начин да ја „обессолиме“ храната? Која сол е најздрава? На оваа тема, зборуваме со магистер Ана Антовска, клинички нутриционист од приватната болница Аџибадем Систина. Таа вели дека е изненадена колку луѓето внимаваат на исхраната, но поради брзиот начин на живот тоа е многу тешко. Вели дека за пофалба е и физичката активност, посебно кај младите.

– Македонската популација во последните десетина години се труди да се храни здраво. Ние, нутриционистите, секогаш сме поборници на користење на храна во природна форма, тоа значи што повеќе готвење, што помалку пакувана храна. Секоја храна декларирана како здрава, не е здрава. Во себе содржи разни адитиви, конзерванси и додатоци кои со прекумерно консумирање можат да направат одредени здравствени проблеми или да внесеме премногу хемикалии коишто на нашиот организам не му се потребни – вели Антовска.

Таа вели дека нашиот народ внесува многу повеќе сол отколку што е потребно, бидејќи нашите дневни потреби за сол се шест грама во текот на денот или едно кафено рамно лажиче.

-Замислете сега, кога се купува пакувана храна, тука има многу скриен натриум. Доколку се внесува во поголема количина од потребното, сигурно се покачува крвниот притисок. Вишокот на натриум го зголемува и ризикот од мозочен удар и дури може да ја наруши густината на коските, односно да се јави остеопороза – вели Антовска.

Мр - Ана Антовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
М-р – Ана Антовска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Таа објаснува дека за да се превенира од прекумерно внесување на натриум, убаво е да се читаат сите декларации на пакувана храна, но и на зимница како кисела зелка, краставички. Од една страна се многу здрави и имаат пробиотици, но од друга се пресолени.

– Натриумот е скриен во сè она што е чадено, значи во чадено месо, чадени сувомесни производи. Го имаме многу во крекери, во овесна каша, во сите преработки од месо како виршли, колбаси и сè што е во конзерва содржи висок процент на натриум. Нормално сланината е прекрасна за зимно време, може да се земе малку. Треба да се внимава и на внесување на пршути, печеница, сè она што е вкусно – вели Антовска.

За различните видови сол вели дека најквалитетна е таа која е јодирана.

– Се појавија неколку видови на сол. Хималајска сол, којашто потекнува од Пакистан, којашто е црвеникава заради железни оксиди што ги содржи, обично е нејодирана, но има и јодирана. Кијацка сол, не ја познаваат многу луѓе, таа е сол која се собира во морските лагуни од северозападна Франција, има сивкаста боја и побогата е со минерали од хималајската сол. Морската сол ја има и јодирана и не. Кошер солта има најнизок процент на натриум. Најбитно е да јадеме јодирана сол 6 грама на ден, за тироидната жлезда да работи како што треба – вели Антовска.

Таа објаснува дека не треба „да се обессоли храната“, треба да се регулира солта во истата. Храната не смее да биде блуткава, да не биде вкусна, да биде несолена. Треба да биде умерено солена. Тоа значи дека постепено треба да се намалува внесот на сол во одреден готвен оброк, затоа што рецепторите за вкус ќе се адаптираат на таа нова состојба.

– Во храната може да се додаде лимон, ќе имате чувство дека е посолена храна, и да се додаде некој јаболков оцет кој не содржи шеќер. Ќе добиете вкусен оброк, а нема да чувствувате дека јадете блуткава храна – вели Антовска.

Мр - Ана Антовска - Фото Слободен печат - Методи Здравев
М-р – Ана Антовска – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Таа објаснува дека луѓето кои имаат хашимото, проблем со тироидната жлезда, не треба да внесуваат сол после 18 часот бидејќи солта ја задржува водата во организмот.

– Македонците се хедонисти, имаме убави ресторани, убави кафеани. Не седнува никој на парче месо и на салата. Се јаде овчо сирење кое е пресолено, пржени работи за предјадење. Во таков случај треба да се побара оброк кој не е солен и сами да го зачиниме. Да се бира храна која не содржи преливи и сосови, бидејќи тука има многу натриум – вели Антовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот