Фото; „Слободен печат“

ВИДЕО+ФОТО | Улиците во Автокоманда како „автоплацеви“: Жителите паркираат каде што ќе стигнат, Општината тврди дека Град Скопје им ги кочи проектите  

Жителите на населбата Автокоманда со години имаат проблем со паркирањето на своите возила, кој резултира со оставање на автомобилите на главните улици, тротоари, зелени површини, па дури и пред станбените влезови. Луѓето велат дека постојано се жалат до Општина Гази Баба, која ветува дека ќе најде решение, но тоа не го исполнува.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Од Општината, пак, со доаѓањето на новиот градоначалник Бобан Стефковски во 2021 година, најавија проект во соработка со ЈП „Паркинзи“ за воведување зонско паркирање на повеќе локации низ населбата, катни гаражи со цел намалување на бројот на непрописно паркирани возила и воведување сообраќаен ред во Автокоманда.

Предизборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2021 година во Општина Гази Габа / Фото: Принтскрин

Во неговата предизборна програма беше спомената и изградба на катни гаражи, но најавата за овие проекти беше единственото нешто кое го добија жителите на Автокоманда, кои не по своја волја и на свој сопствен ризик, продолжија да ги оставаат своите автомобили на улиците.

Фото: Слободен печат

На прашањето до Општина Гази Баба околу најавената изградба на  катни гаражи и до каде е планираното воведување зонско паркирање, оттаму одговорноста за зонското паркирање ја префрлија кај Град Скопје, а за катните гаражи конкретен одговор не добивме.

Низ дијалог со граѓаните и спроведена јавна анкета, 80% од граѓаните дадоа поддршка за воведување на зонско паркирање како решение на проблемот. Општината ја спроведе целокупната постапка, но за жал за проектот се соочуваме со немање соработка со Градот Скопје – велат од Општината.

Екипата на „Слободен печат“ беше на терен во Автокоманда, каде уште во утринските часови забележа сообраќаен метеж, паркирани автомобили на тротоар и долж главните улици, а најмалку проодно беше на местата каде што се гради и доизградува. Еден камион целосно ја блокираше улицата, а странично паркираните автомобили дополнително пречеа.

Фото: Слободен печат

Свирежи од автомобилите, вербални расправии, нервоза и навреди помеѓу возачите, според пешаците кои ги затекнавме, се секојдневие за населбата, а некои од нив сметаат дека проблемот е нерешлив.

Градоначалникот Стефковски за првпат го адресираше овој проблем пред две години, кога од општина Гази Баба извршија анкета на која повеќе од 80 отсто од испитаниците се изјасниле дека е потребно зонско паркирање во Автокоманда.

Со зонско паркирање ќе се решава проблемот со недостиг на паркинг места во Автокоманда

Според жителите, најголем проблем за пренатрупаноста со паркирани автомобили во Автокоманда е незапирливата изградба и надградба на згради во населбата, но и паркирањето на голем број возила чии сопственици работат во околни фабрики и компании. Според нив, во последните 10 години се извршени доградби на повеќе од 15 згради.

Фото: Слободен печат

Доколку се земе предвид дека секоја од овие згради добила најмалку два нови ката со по 3 стана, тоа доведува до збир од 90 нови станови, а оваа проценка е направена со минимални бројки, бројот може да преминува и повеќе од 100 нови станови.

Од Општината се пофалија дека во Автокоманда направиле 100 нови паркинг места за нејзините жители, но според бројот на новоизградени станови само во надградените згради,  обезбеден е дел од потребните паркинг места само за новодоселените, со што проблемот сè уште останува нерешен.

– Општина Гази Баба изминатиот период посветено работеше на изнаоѓање соодветно решение за сообраќајниот метеж во Автокоманда. За таа цел на повеќе локации изградивме нови паркинзи за повеќе од 100 возила – велат од општината за „Слободен печат“.

Жителите се жалат дека оваа паркинг „традиција“ удира по нивните џебови. Поради тоа што немаат друг избор, ги оставаат автомобилите на улица, па како што тврдат, преку годината се активни клиенти во автомобилските сервиси за менување удрени браници, оштетени ретровизори и боење на каросеријата.

Низ Автокоманда во денот поминуваат илјадници автомобили, па затоа и бројот на сообраќајни незгоди на главните улици е навистина голем, а најчесто страдаат автомобилите на жителите, кои со паркирањето на своите возила насекаде, се ненамерна мета на брзите и невнимателни возачи, поготово во ноќните часови.

Фото: Слободен печат

Последна акција за решавање на овој проблем, Општината ја имаше минатата година, кога улицата Габреж ја пренамени и на нејзино место изгради паркинг за околу 50 возила, и порача дека веќе се работи на промена на ДУП со кој ќе се обезбедат локации за изградба на катни гаражи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот