Фото: Принтскрин од „Бгнес“

ВИДЕО | Златна треска во Царево: Возбудени Бугари со лопатки бараат сеф со богатство изгубен во поплавите

Плажата наместо урнатини и тага, денес изгледа како полигон за лов на богатство – стотици луѓе со мотики, лопати и вера во среќата роваат низ калта. Сцената е надреална: додека тешка механизација расчистува во близина, ентузијасти и дури кучиња учествуваат во „чистење“ на плажата, коментира новинската агенција „Бгнес“.

Некои од трагачите по богатство во Бугарија оставиле сè друго, убедени во праведноста на својата мисија. Водата сè уште не се повлекла целосно, калта е свежа и леплива, а спасувачките екипи сè уште се обидуваат да ја проценат штетата, но на плажата кај населбата Василико во Бугарија веќе врие од луѓе. Не, тоа не се доброволци што расчистуваат. Тоа е народот, погоден од златна треска.

Само еден ден часа по несреќата, гласината за сеф со 2.000.000 лева и златни прачки, однесен од водата, се прошири побрзо од приливниот бран и ја претвори трагедијата во апсурдна комедија, објави новинската агенција „Бгнес“.

ВИДЕО | Невреме во Бугарија: има загинати, поплавени се куќи, улици, урнати мостови…

Плажата е непрепознатлива. Наместо со урнатини и со тага, таа е преполна со стотици „туристи“ вооружени со мотики, колци, градинарски лопатки и непоколеблива вера во среќата. Сцената е надреална – додека на само неколку метри тешка механизација расчистува патишта, овде ентузијасти со голи раце роваат по калта, како да учествуваат во национално натпреварување за пронаоѓање богатство. Мали, големи, жени, мажи, па дури и неколку возбудени кучиња се приклучиле на „чистењето“ на песочната линија.

Некои од ловците на богатство оставиле сè, убедени во смислата на својата мисија. Се појавиле на брегот уште додека водата им била до колена, занемарувајќи дури и итни задачи за расчистување на сопствените домови. Според нив, едно е да чистиш куќа, а сосема друго е да учествуваш во „големото перење“ на плажата, кое може да ги реши сите нивни финансиски проблеми.

Атмосферата е наелектризирана. Секое сомнително светкање во калта предизвикува бран возбудување и неколку прескокнати срцеви удари. Ако до вчера опасноста од давење била реална, денеска поголем е ризикот некој да добие инфаркт од завист, коментира „Бгнес“. Самата помисла дека соседот по дупка може да извика „Еврика!“ и да извади купче банкноти, се додава во коментарот, е доволна да го прати и најздравиот човек во ургентен центар.

Кучињата учествуваат во „операцијата“

Во „операцијата“ се вклучени и четириноги помошници. Нивните сопственици гордо тврдат дека животните се специјално обучени и поседуваат уникатен нос за благородни метали и готовина. Во реалноста, сепак, кучињата со ист ентузијазам ископуваат натопени весници и стари сандали, придонесувајќи повеќе за општиот хаос отколку за пронаоѓањето на богатството.

„И додека златото и милионите остануваат мираж, скриени некаде под тонови свежа кал, едно е сигурно – несреќата може да ја однесе покуќнината, но не може да го однесе бугарскиот претприемачки дух. Духот, кој е подготвен да ја прегази трагедијата, воден од вечниот сон за брз удар. А ако не го најдат сефот? Е, барем плажата ќе биде прва исчистена. И тоа со невиден ентузијазам“, се вели во текстот на бугарскиот портал.

Сефот постои, но има помалку богатство

Вистинското потекло и содржина на прочуениот сеф, однесен од поплавата во Царево, веќе се познати – во него имало околу 180.000 лева во готово, документи на локална градежна компанија и златен накит на сопственикот и неговото семејство, објави бугарски „Јуроком“.

Канцеларијата на фирмата, чиишто средства биле засегнати, се наоѓала до автосервис, а сопственикот е истиот – локален претприемач, познат во градот како Јани.

Русинка е четвртата жртва во поплавите во Бугарија – телото било најдено закопано во кал

Според зборовите на очевидци, металната каса била со големина на двокрилен плакар, но огромниот бран што го поплави регионот на 3 октомври ја однел кон морето заедно со мебел, техника и со искршени дрвја.

„Нема милиони, ниту златни прачки, но навистина банкноти се наоѓаа тука-таму по плажата – дури и во Ахтопол. Очигледно морето го однело сефот“, раскажал мештанин.

Полицијата го оградила регионот околу плажата за да спречи упади и да го зачува редот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот