
ВИДЕО | Зимница без конзерванси: Рецепт за кисели пиперки полнети со зелка
Во екот е приготвувањето зимница за претстојните постудени денови, затоа ви го донесуваме овој одличен рецепт за туршиски пиперки полнети со зелка, со кои можете во секое време да имате подготвен оброк. Доволно е да додадете парче месо и ручекот е готов!
Препорачано
При подготовката на овој вид зимница, подобро е да ставите бела зелка бидејќи не пушта боја, но можете да користите и виолетова или да ги измешате двата вида. Свежата зелка можете да ја изрендате и да ја посолите претходната вечер за да го пушти својот сок. Пожелно е да се изберат поголеми пиперки.
Состојки:
– 3-4 кг зелка
– 5-6 кг жолти пиперки
– 5 литри вода
– 150 г сол
Подготовка:
Пиперките исчистете ги од дршките и семките, измијте ги и наредете ги на чинија обложена со памучна крпа добро да се исушат. Сувите пиперки внатре малку посолете ги, наредете ги во тепсија и оставете ги да отстојат околу еден час.
Отстранете го првиот слој листови од зелката, исечете ги корените и измијте ја, а потоа изрендајте ја. Потоа постепено солете со две лажици сол и со рацете мешајте за солта да помине насекаде. Исто така, оставете да отстои околу еден час.
Во 5 литри вода растворете 150 грама и мешајте додека солта целосно не се раствори. Пиперките до врвот наполнете со зелката и наредете ги во пластичен сад. Ако ви останало малку зелка, наредете ја врз и помеѓу пиперките. Потоа прелијте со солената вода, која претходно сте ја измешале.
Одозгора покријте со чинија, притиснете и оставете да отстои 15 дена. Потоа, овој феноменален прилог е подготвен за јадење!