Пукање во Остин, Тексас/Фото: Brandon Bell / Getty images / Profimedia

ВИДЕО | Тројца убиени, еден повреден во престрелка пред продавница во Тексас, напаѓачот е уапсен

Вооружен маж уби три лица пред продавница во Остин, Тексас вчера попладне, а потоа се обидел да избега крадејќи автомобили, нo полицијата на крајот го уапси по голема потера.

Две од жртвите застрелани од вооружениот маж биле прогласени за мртви на местото на настанот, додека третата им подлегнала на повредите во болница. Уште едно лице било повредено во престрелката.

Полицијата соопшти дека вооружениот напаѓач, 32-годишен маж, отворил оган врз луѓе пред продавницата од непозната причина, пред да украде автомобил од паркингот, да го удри и да украде уште еден автомобил. Полициските службеници од Остин го лоцирале и уапсиле откако го совладале со тејзер. Меѓу застреланите лица бил и возачот на првиот автомобил што го украл вооружениот напаѓач, соопшти полицијата.

Човекот, чие име не е објавено, имал историја на проблеми со менталното здравје и претходно бил ставен во итен притвор, според началникот на полицијата во Остин, Лиса Дејвис. Ваквите притворања обично се случуваат кога поединци доживуваат криза со менталното здравје и претставуваат опасност за себе или за другите.

Полицијата која реагираше пронашла три лица кои биле застрелани на паркингот на продавницата Таргет.

„Ова е многу тажен ден за Остин. Ова е многу тажен ден за сите нас и моето сочувство е до семејствата на жртвите“, рече Дејвис, додавајќи дека во овој момент нема достапни информации за жртвите.

Инцидентот се случил за време на сезоната на шопинг за враќање на училиште.

„Ова е катастрофална ситуација и моите мисли се со жртвите и нивните семејства“, рече градоначалникот на Остин, Кирк Вотсон, во објава на платформата Икс.

„Иако ова е тековна истрага, она што можам да го кажам е дека ова беше гнасен и кукавички чин на насилство со оружје“.

Во „Џифи Луб“, кој го дели паркингот со „Таргет“, вработените ги заклучиле вратите и се скриле кога сфатиле што се случува. Вработениот Пол Смит рекол дека видел луѓе како панично бегаат од своите автомобили.

„Тукушто се вратив од „Таргет“, нема ни една минута“, рекол Смит.

Крвавиот инцидент во „Таргет“ се случи неколку недели по нападот врз продавницата „Волмарт“ во Мичиген, каде што еден човек избоде 11 лица во Траверс Сити и сега се соочува со обвиненија за тероризам и обид за повеќекратно убиство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот