
ВИДЕО | Сопругата на Брус Вилис за деменцијата на актерот: „Мозокот го издава, а зборовите полека му исчезнуваат“
Сопругата на прочуениот актер Брус Вилис, Ема Хеминг Вилис, откри дека неговата болест сè повеќе се одразува на секојдневниот живот – „мозокот го издава, а зборовите полека му исчезнуваат“, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Во специјална емисија на телевизијата Еј-би-си, емитувана ноќеска, таа нагласи дека Вилис и натаму е физички активен и во добра кондиција, но се соочува со сериозни когнитивни потешкотии.
„Научивме да се прилагодиме и да комуницираме со него, но на поинаков начин“, вели Ема.
Проблемите започнаа во 2022 година, кога семејството на актерот објави дека тој се повлекува од глумата поради афазија – пореметување кое предизвикува тешкотии со јазикот и говорот.
„За човек кој отсекогаш бил зборлест и активен, беше невообичаено да стане тивок и повлечен. Тоа нè загрижи и исплаши“, се потсетува неговата сопруга.
Една година подоцна, Вилис доби уште една дијагноза – фронтотемпорална деменција.
„Иако е болно, сепак беше олеснување конечно да имаме јасна дијагноза“, соопштија неговите ќерки, сегашната сопруга Ема и поранешната сопруга Деми Мур.
Ема признава дека веста ја примила со паника: „Кога ја слушнав дијагнозата, ништо повеќе не можев да разберам. Се чувствував како да паѓам од зграда“.
И покрај сè, 70-годишниот актер и натаму има моменти во кои блеска неговата препознатлива харизма.
„Има денови, подобро кажано – мигови, кога ќе се насмее со онаа негова срдачна насмевка или кога ќе се појави оној сјај во очите. Тие мигови траат кратко, но вредат многу“, додава таа.
Да потсетиме, Брус Вилис и Ема Хеминг се венчаа во 2009 година и имаат две ќерки. На 9 септември ќе биде објавена нејзината книга „Неочекувано патување: пронаоѓање сила, надеж и себе на патот на грижата“ (The Unexpected Journey: Finding Strength, Hope, and Yourself on the Caregiving Path), во која детално го опишува нивното семејно искуство со болеста.