
ВИДЕО | Слушнете ја „Лавиринт“: Целата естрада се појави во новиот забавен спот на Тамара Тодевска и Игор Џамбазов
Пејачката Тамара Тодевска и актерот Игор Џамбазов ги израдуваа љубителите на македонската музика со својата нова заедничка песна „Лавиринт“. Како долгогодишни соработници, тие повторно го споија својот талент за да направат ново музичко парче – музиката е дело на Тодевска и Роберт Билбилов, а текстот го напиша Џамбазов.
Препорачано
Исто така, тие снимија и забавен видеозапис во режија на Зоран Стојановски – Зонде, во којшто се појавуваат голем број познати личности од македонската естрада – Катарина Ивановска, Сара Мејс и Димитар Атанасовски со децата, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Александра Јанева и уште многу други. Исто така, свои сцени добија и партнерот на Тодевска – Лука Радовиќ, нејзините деца Хана и Дарен, мајка ѝ Брана, татко ѝ Велко и сестра ѝ Тијана Дапчевиќ.
„Среќна сум што успеав да спојам голем број на значајни луѓе за домашната културна сцена во еден видеозапис. Верувајте дека договорањето одеше навистина брзо, едноставно и со сите успеавме да снимиме за неполн ден. Речиси сите учесници се и мои блиски пријатели и навистина им благодарам што ја прифатија поканата и успеа да се адаптираат за потребите на ‘Лавиринт’. Идејата на ова ‘обединување’ беше за да се потсетиме малку на минатото, кога дружбите меѓу колегите и уметниците беа секојдневни и многу позастапени од денеска. Да се почитуваме, да соработуваме и да споделуваме квалитетна музика“, посочува Тамара.

„Игор и Тамара, Тамара и Игор е комбинација која функционира долго време… Тамарче ме покани да бидам дел од песната/спотот и прифатив со задоволство, а текстот го напишав пред некоја година. Се надевам дека ‘Лавиринт’ ќе биде слушана, а има ли поголем ‘лавиринт’ од нашево секојдневие!? Сите да го најдеме излезот и вистинскиот пат, а домашната сцена нека остане вака обединета и убава како во спотот“, вели Џамбазов.