
ВИДЕО: Шенѓун испиша историја и ја одведе Турција во полуфиналето на Евробаскетот
Кошаркарската репрезентација на Турција продолжува со импресивниот настап на Европското првенство, откако денеска во четвртфиналето во Рига ја совлада Полска со убедливи 91:77 и обезбеди пласман меѓу најдобрите четири селекции на турнирот.
Препорачано
Избраниците на турскиот селектор одиграа сигурно и зрело, а натпреварот го одбележа неверојатниот Алперен Шенѓун кој влезе во историјата како најмладиот кошаркар што постигнал трипл-дабл на еден натпревар од Евробаскет. Центарот на Хјустон Рокетс, кој има само 23 години, го заврши мечот со 19 поени, 12 скокови и 10 асистенции, надополнети со три украдени топки.
Натпреварот започна израмнето, со чести промени во водството, а по првата четвртина резултатот беше 19:19. Но, во втората четвртина Турците направија серија од 5-0 и поведоа со 24:19, а иако Полска кратко време се држеше во игра, завршницата од полувремето им припадна на Турците, кои се одлепија на двоцифрена предност од 36:26. До паузата резултатот беше 46:32 за Турција.
Во второто полувреме Турција само ја зголемуваше предноста. Средината од третата четвртина донесе највисоки +21 (61:40), а Полска не успеа да се врати во мечот. Турците рутински го приведоа натпреварот кон крајот и запишаа убедлив триумф.
Покрај Шенгјун, по 13 поени за Турција постигнаа Шејн Ларкин и Шехмус Хазер. На другата страна, најдобри поединци кај Полјаците беа Матеуш Понитка и Џордан Лојд, кои постигнаа по 19 поени. Понитка додаде и шест скокови, шест асистенции и една украдена топка.
Во полуфиналето Турција ќе се сретне со победникот од вечерашниот дуел меѓу Грција и Литванија, кој започнува во 20:00 часот.