Полиција во Еквадор/Фото: EPA-EFE/CARLOS DURAN ARAUJO

ВИДЕО | Седуммина убиени во вооружен напад на улица во Еквадор

Седум лица беа убиени во уличен напад во Гвајакил, град на југозападот од Еквадор, местото на насилни судири меѓу ривалските банди за контрола на шверцот со дрога, во кои имаше вкупно 14 жртви во текот на викендот, објави во понеделникот еквадорската полиција.

Вооружени лица, возејќи мотоцикли, убија 7 лица, меѓу кои и малолетник, кои во неделата вечерта беа собрани пред продавница. Видеата поставени на социјалните мрежи и емитувани од медиумите прикажуваат тела на улица.

Според Сантијаго Тустон, шеф на полицијата во областа Пасквалес, каде што биле извршени убиствата, жртвите припаѓале на „разни криминални организации“ и тоа може да доведе до „одмазда“.

Во текот на викендот, 14 убиства беа извршени во Гвајакил, град со речиси три милиони жители, чие пристаниште е стратешки важно за извоз на кокаин на американскиот и европскиот пазар, рече полицискиот службеник. Од почетокот на годината само во секторот Паскалес се убиени 50 лица.

Во петокот, полковник на воздухопловните сили вклучен во операции против бандите за шверц на дрога беше убиен во близина на затворот Гвајакил. Според владата на претседателот Даниел Нобоа, неговото убиство ја покажува „воената состојба“ во која се наоѓа Еквадор.

Гвајакил е главен град на провинцијата Гвајас, еден од седумте (од вкупно 24) каде што минатиот месец повторно беше воведена вонредна состојба за да се запре насилството.

Таканаречената војна против дрогата овозможи стапката на убиства да се намали на 38 на 100.000 жители по трагичниот рекорд од 47/100.000 во 2023 година, според владата. Таа стапка беше 6 на 100.000 во 2018 година.

Младиот претседател Нобоа, кандидат за реизбор во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат во средината на април, минатата година прогласи дека во земјата владее состојба на „внатрешен вооружен конфликт“, опишувајќи дваесетина банди насилници како „терористички“ организации кои „постојано војуваат“ меѓу себе и со армијата во државата.

Еквадор се наоѓа помеѓу Колумбија и Перу, двете земји со најголемо производство на кокаин во светот. Во 2024 година, еквадорските власти заплениле вкупно 294 тони дрога, главно кокаин, во споредба со 221 тон во 2023 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот