
ВИДЕО | Се барал печатот? Драматичен претрес кај болна директорка во Демир Хисар која инспектор бара на носилки да дојде во станица
Драматичен претрес се одвивал минатата вечер во семејната куќа на директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска. Инспектори од МВР со судска наредба ја претресувале нејзината куќа додека таа лежела во кревет со висок крвен притисок и користела права од работен однос – и одмор и боледување. Откако завршиле со претресот, полициските службеници како што е видео-документирано на видео материјал од настанот, барале Лозановска да дојде во станица на носилки и со возило на итната помош на информативен разговор иако ОЈО Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лицето во конкретниот случај. „Слободен печат“ се обрати во Обвинителството со прашање за кое кривично дело е издадена наредбата за претрес и кои предмети од кривично дело се барале со претресот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Поради сомненија за кривично дело „фалсификување и уништување деловни книги“ МВР ОВР Демир Хисар од ОЈО Битола побара издавање наредба за претреси на 3 локации, службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавеното лице. ОЈО Битола побара од Основниот суд Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар вчера извршило претрес на трите локации а за претресите и евентуално одземените предмети уште нема доставено официјално писмено известување до Обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е целосно испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. ОЈО Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај, велат од Обвинителството за „Слободен печат“.
Неофицијално, „Слободен печат“ дознава дека полицајците ги барале печатите од училиштето, за да може на функција да стапи новата директорка на училиштето која била назначена од страна на градоначалникот додека Лозановска била на боледување.
Откако адвокатот на Лозановска присутен на претресот се спротистави на тоа таа да биде присилно однесена во станица, полицијата ги викнала во вторник на информативен разговор.
Директорката Лозановска за „Слободен печат“ изјави дека во моментов во училиштето сите користат колективен одмор, а во меѓувреме таа извадила и боледување поради здравствени проблеми со грбот.
-Пред 3 дена бев во амбуланта. Ме барале од општината да ми врачат писмо. Јас не знаев за што е писмото и в.д. директорката што ја назначиле ми пиша дека добила писмо за назначување а јас сум разрешена. Тоа беше во средата. Назначена е за в.д. директор без никаква законска постапка за мое разрешување. Ова е трети пат градоначалникот да прави вака. Во 2022 ме разреши незаконски па двапати го добив предметот на второстепена и мораше да ме врати за директор.
Потоа, бидејќи незаконски ме разрешил, му беа одземени ингеренциите и мене за директор ме назначи министерот за образование. Од 2023 година продолжувам да сум директор со континуирани силни притисоци, се ми пречешлаа, сите инспекции ми ги пратија, ништо не најдоа. Работам чесно и не можеа дамка да ми најдат, изјави за „Слободен печат“ Лозановска.
Таа додаде дека пред изборите требало да има вработувања и имала распишано оглас за вработување но и тој бил опструиран.
-Така, од в.д. директорката дознав дека сум разрешена. Земав лекарства, дома сум и не можат да ме добијат да ми го врачат писмото. И бидејќи сум на боледување не отидов на примопредавањето. Во училиштето немаме секретар бидејќи тој во февруари замина во пензија и градоначалникот не ми даде согласност да се вработи друг.
Печатите се кај мене. Кога заминувам си ги оставам во метален шкаф во архива и не може било кој да ги земе. Ги барале печатите и покрај тоа што не сум примила решение за разрешување, а додека не примам решение јас сум според законот уште директор. Сакаат надвор од постапката да ги земат печатите и целата постапка да се заврши во Централниот регистар и таа да биде директорка од понеделник.
Целиот циркуз вчера беше за да ги дадам печатите, зашто јас го имам клучот. Брзаа вчера зашто денес ќе ги распишат изборите. Не знам што ќе правеа со печатите синоќа во 20 часот и како ќе извадеа од Централен регистар? Дојдоа вчера, викнав адвокат имам и болна мајка. Без пардон, велат да дојдеш во станица и каде се печатите? Мислеа да ме притиснат да кажам каде се печатите. Викнаа екипа да ме носи во станица со притисок 160 со 100.
После тоа заминале во училиштето полицајците, ги барале ноќеска печатите, в.д. директорката им отворила, благајникот пошол и двајца служители. Претходно ја обиле мојата канцеларија. Професор сум одамна, имам 57 години и сум правична, професионална и работам, не можат да ми најдат маана па мора вака да се прави – изјави за „Слободен печат“ Лозановска.
Таа додава дека досега во училишниот одбор нема добиено предлог за нејзино разрешување, но во училиштето за нејзината работа имало многу инспекции.
-Ништо не најдоа, финансиски се си е во ред. Дојдоа двајца инспектори од Просветен инспекторат од Скопје. Ми понудија, ако не сакам да ми напишат негативен записник да си дадам оставка. Зошто негативен записник? Зашто не оваа, туку минатата учебна година кога имавме скратен број на училишни денови според календарот, (не 180 туку 170), зошто не сум го реализирала фондот на часови. Па им објаснив, дека тоа е така зашто имавме помалку работни денови.
Потоа ми пратија записник зошто не сум презела ништо да има фонд на часови, а новиот закон дозволува отстапување од 5 проценти во фондот на часови. По кој закон ќе ме казнат? По стариот?
Го примив нивното писмо на 30 мај и имам рок од 30 дена да дадам докази зошто не бил остварен фондот на часови. Имам докази од поштата дека писмото до Просветен инспекторат е испратено. И тие не чекаат да ја примат поштата, туку на 30-ти јуни со истиот записник испраќаат допис до училиштето, дека во рок не сум дала одговор и го задолжуваат училишниот одбор да даде одговор место мене.
Училишниот одбор им ја прати во ДПИ мојата доставница дека за пратката што им ја пратив.
Сега на Совет на родители, градоначалникот рекол дека добил предлог од овие двајца инспектори за мое разрешување, зашто не сум доставила докази на време. Затоа тој како градоначалник ме разрешува, без постапка на училишниот одбор. Денеска ги распишуваат изборите и сите постапки ќе бидат во мирување, затоа брзаат со печатите, изјави Лозановска.
Нејзиниот адвокат Жарко Стеваноски за „Слободен печат“ рече дека ќе поднесе кривична пријава против градоначалникот, овластените просветни инспектори и против началникот од претресот кој се гледа на видеото што Стеваноски го објави на Фејсбук.
-Директорката на училиштето Маја Лозановска е именувана од страна на министер за образование и оттука само министер за образование може да ја разреши. Градоначлиокот спротивно на одредбите на Закон за средно образование заобиколил цела една постапка која треба да се води пред училишниот одбор како би можел да донесе такво решение. Основот по кој се разрешува директорката е апсолутно незаконски, и од страна на Државните просветни инспектори е извршена злоупотреба во постапката за инспекциски надзор. Сето ова ќе биде предмет на кривична пријава против градоналникот, овластените просветни инспектори и од вчера познатиот началник, изјави за „Слободен печат“ адвокатот Стеваноски.