
ВИДЕО: Рубио се сретна со колегата од „хартиениот тигар“, Лавров
Државниот секретар на САД Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, се сретнаа денеска, еден ден откако претседателот Доналд Трамп остро ја критикуваше Русија, ја нарече „хартиен тигар“ и тврдеше дека Украина може да ја врати целата своја окупирана територија,
Препорачано
Рубио и Лавров, заедно со своите делегации, се сретнаа на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. На состанокот присуствуваше и амбасадорот на САД во Обединетите нации, Мајк Валц. Средбата траеше околу 50 минути. Лавров не одговори на прашањата додека си заминуваше, вклучувајќи ги и оние за тоа дали е загрижен за промената на тонот од страна на Трамп и дали американскиот претседател „ѝ го свртел грбот“ на Русија.
Портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот објави кратка изјава по состанокот, наведувајќи само дека Рубио „го повторил повикот на претседателот Трамп да се запре убивањето и потребата Москва да преземе значајни чекори кон трајно решавање на војната меѓу Русија и Украина“.
Со месеци, Трамп велеше дека Киев најверојатно ќе треба да ѝ отстапи територија на Русија за да се стави крај на војната. Но, американскиот претседател вчера ја смени реториката по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Откако ја запознав и целосно ја разбрав воената и економската ситуација меѓу Украина и Русија, и откако ја видов економската неволја што ѝ ја предизвикува на Русија, мислам дека Украина, со поддршка на Европската Унија, е во позиција да се бори и да ја ОСВОИ цела Украина назад во нејзината првобитна форма“, напиша вчера Трамп.
„Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа, а особено од НАТО, првобитните граници од каде што започна оваа војна се многу реална опција. Зошто да не?“ Тој, исто така, рече дека Русија е „хартиен тигар“, критикувајќи ја нејзината војска.
Зеленски, од своја страна, рече дека верува оти Трамп е свесен за „повеќе детали“ и дека американските разузнавачки служби сега се повеќе усогласени со ставот на Украина. Исто така, останува да се види дали промената на реториката на Трамп ќе доведе до промена на политиката. Русија брзо возврати дека е „мечка“, а не „хартиен тигар“, и дека Трамп згрешил. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Трамп „ја слушнал верзијата на настаните на Зеленски.
Рубио на вчерашниот состанок на Советот за безбедност на ОН за Украина, предупреди дека ќе „дојде момент кога ќе мораме да заклучиме дека можеби нема интерес за мирно решавање“ од Русија и дека „трпението на Трамп не е бесконечно“.