ВИДЕО | Ресоцијализација во затворите: Како патот на престапникот да не води назад зад решетки

м-р Александар Ковилоски и д-р Ѓорге Тодоров/Фото: Слободен печат/ Мете Здравев

Деновите во полната сала на Кинотека на Македонија беше промовиран документарниот филм „Патот на престапникот“, од авторите м-р Александар Ковиловски и д-р Ѓорге Тодоров, вработени како воспитувачи или по новата систематизација советници за третман на осудени лица во најголемиот затвор КПУ Идризово, односно КПУ Затвор – Скопје. Филмот е инсајдерска приказна за третманот на осудените лица, раскажана директно од вработените од секторите за ресоцијализација, но и осудените лица и оние кои веќе се на слобода по одлежувањето на затворската казна.

– Затворот е огледало на општеството во кое живееме, е мотото на филмот „Патот на престапникот“. Тоа значи кога зборуваме за состојбата во затворот, мора да се осврнеме на состојбата која владее во општеството, во државата во која живееме. Условите коишто ги имаме надвор ги имаме и внатре. Во контекст на ресоцијализацијата, тука влијаат надворешни фактори и од нив зависи дали ќе биде успешна или не. Во моментов процесот на ресоцијализација се одвива според програми на специфичен третман и на групен третман, вели м-р Александар Ковилоски, виш соработник за третман на осудени лица во КПУ Идризово.

-Специфичните програми се однесуваат пред сѐ на осудени лица на долги доживотни казни, специфична програма за осудени лица за насилство, за жени престапнички, за сексуални престапници итн. и се однесуваат пред сѐ на подолги казни кои ги издржуваат осудените лица. Во таа насока имаме и редовни програми какошто се работно ангажирање, образовни програми. И тоа ја прави ресоцијализацијата компактен дел, вели д-р Ѓорге Тодоров, советник за третман на осудени лица во КПУ Затвор – Скопје.

Проблем е, велат за „Слободен печат“ соговорниците од двете казнени институции на подрачјето на Скопје, што има голем број на осудени лица, наспроти мал број на воспитувачи кои треба да работат на нивната ресоцијализација. Прописите на хартија кажуваат едно, а реалната состојба во затворите е сосема друга.

– Законски треба да работиме со групи од по 15 до 30 осудени лица. Доколку сме воспитувачи во затвореното одделение, во групи од 15 лица. Воспитувачите во отвореното или полуотвореното одделение треба да имаат до 30 лица максимум. Ние во моментов се случува да имаме и по 150 осудени лица. Тоа е проблем на којшто треба да се работи. Потребни се повеќе вработувања во секторот ресоцијализација со цел на нас да ни се овозможи да ја спроведуваме ресоцијализацијата онака како што ја пишува во учебниците, вели Ковилоски.

м-р Александар Ковилоски, виш соработник за третман на осудени лица во КПУ Идризово/Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

– Секој директор на установите прави годишен план и побарува вработени колку што има потреба. Бидејќи некои заминуваат во пензија, на нивно место треба да се вработат други и врз основа на тој годишен план се праќаат известувања колку луѓе се потребни. Не дека ние немаме вработувања, но потребно се повеќе и во затворската полиција и во секторот за ресоцијализација, објаснува Тодоров.

Статистиката покажува дека во моментов казна затвор во затворите низ државава ја издржуваат над 2400 осуденици, а дури половина од нив се повратници. Затворските воспитувачи кои се стручни лица, педагози, социолози, психолози велат дека е тешко да се работи со осудените лица, а и самите осуденици во документарецот признаваат дека меѓу нив има и такви карактери кои не го прифаќаат третманот на ресоцијализација.

-Во документарецот кажавме: Сѐ во и околу затворот е обвиено со црнила. Многу е тешко да се работи со лица коишто се изолирани од надворешниот свет, коишто се изолирани од своите семејства, а коишто имаат свои потреби, коишто на некој начин им се прекинати со престојот во установата. Да не го занемариме фактот дека тие сториле кривични дела и е потребно да престојуваат во одреден временски период во казнено – поправните установи. Меѓутоа тој престој не треба да биде наметнат како нешто негативно туку како нешто позитивно, односно дека треба да се спроведе процес на ресоцијализација насочен кон одржување на семејните контакти, кон воспоставување образовен систем внатре во установата, работни ангажмани и итн, вели Ковилоски.

-Фактички затворот треба да ги обучува осудените лица за да можат кога ќе излезат да функционираат нормално согласно законите и правилата кои се предвидени во општеството, меѓутоа мора и самото општество да биде поврзувач на тоа нивно излегување, значи да ги прифати, кога зборуваме за постпеналната помош, вели Тодоров.

Д-р Ѓорге Тодоров, советник за третман на осудени лица во КПУ Затвор – Скопје/Фото: Слободен печат/ Методи Здравев

-Специфично е  да се работи со осудени лица бидејќи кога доаѓаат тука честопати се случува да дојдат депривации, т.е. нешто што им е одземно, одземена им е слободата, одземени им се контактите со семејството и ние се трудиме, затоа што затворот на некој начин е вештачка средина, сето тоа да го амортизираме за да може осуденото лице да види дека може да функционира, да се поправи, да сфати, да има во него внатрешна мотивација сето тоа да го промени, да му даде време да размисли зошто негативни влијанија или негативни мисли го довеле до овој степен кадешто е сега, се со цел за да може успешно да се интегрира понатаму во општествената средина, вели Тодоров.

Од друга страна, додава Ковилоски, осудените лица освен депривации кога доаѓаат во установата имаат и когнитивни дисторзии, односно доаѓаат со поинаква перцепција од онаа во реалноста и тоа е предизвик за воспитувачите кои треба да спроведат ресоцијализација во затворите.

– Кога доаѓаат осудените лица во установата, најчесто доаѓаат или разочарани од некои други лица, а доста често разочарани од системот. Ние сме дел од тој систем и многу е тешко да се стекне доверба кај овие осуденици и да се „натераат“ да учествуваат во било која програма која ние ја подготвуваме, вели Ковилоски.

– Доаѓаат со одредени ставови и навики кои е тешко да се променат. Наше е да се потрудиме сето тоа да му го кажеме на осуденото лице за, на некој начин тој да си ја врати самодовербата, да види дека навистина поседува некои позитивни елементи во неговата личност, кои не дека не ги знаел туку можеби биле занемарени, меѓутоа немал можност да ги спроведе и врз основа на тоа да поттикне кај него некоја мотивација да промени нешто кај себе, додава Тодоров.

Она што би помогнало многу во ресоцијализицијата, сметаат соговорниците е подобрувањето на условите во затворите и враќањето на затворската економија. Имено, пред повеќе од деценија се растури стопанската дејност во КПУ Идризово, која опфаќаше сточарство и работна единица Препород. На тој начин се создаваат работни навики и продуктивност кај осудениците кои би им помогнале во животот надвор од затворските ѕидини. Дури и перцепцијата на граѓаните кон осудениците би се променила кога би имале пред себе видливи и квалитетни производи создадени во затворски услови, како што беше во минатото во КПУ Идризово.

-Системот како што е поставен е добар, треба само да работиме на нешто што е заборавено или што е тргнато да го рестартираме. Конкретно еве враќањето на стопанските единици преку кои ќе има структурирање на работниот ден. Тоа стои во куќните редови каде што имате станување, будење, местење кревет итн. па низа дневни активности низ кое осуденото лице ќе биде ангажирано постојано. Постарите колеги зборуваа дека соработувале со Макаренко, училиштето за образование на возрасни и имало луѓе кои завршувале образование или се опсименувале во затворите. Според сите наши закони па и европски правила не им пишува на дипломата дека е стекната во затвор за да нема дискриминација, објаснува Тодоров.

-Во филмот сите воспитувачи го кажуваат истиот став дека образованието и работниот ангажман се главните фактори за ресоцијализација, наместо бесцелно да ја издржуваат затворската казна многу подобро е да имаат структуриран работен ден, ќе имаат работни обврски и ќе се стекнат со некое стручно образование кое ќе можат да го употребат откако ќе излезат во надворешната средина, вели Ковилоски и додава дека ресоцијализацијата таа трае и надвор од установата, но таму лицето е соочено со стигматизација, со невработеност, со немање услови за домување, немање на социјална помош итн што го прави потенцијале повратник доколку повторно се врати во криминалните води.

Документарниот филм „Патот на престапникот“ ќе биде промовиран деновиве пред стручната фела во Тирана, а премиерно ќе се прикажува и во Белград, Мостар, Софија, велат авторите и додаваат дека е добро четиво за секој функционер којшто сака да направи промена во затворскиот систем во Македонија затоа што многу конкретно ги доловува сите проблематичмо точки на коишто треба да се работи во иднина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот