
ВИДЕО | Реномираниот „Тејст атлас“ одлучи: Македонскиот зелник меѓу 10-те најдобри печива на светот!
Реномираниот сајт за храна и гурмани, гастро водичот „Тејст атлас“ (Taste Atlas), објави видео во кое го претставува списокот на 10-те најдобри печива во светот, а интересно е што босанскиот бурек е на 10-то место, додека српските, односно новопазарските мантии го зазедоа првото место, додека, пак, македонскиот зелник го зазеде деветтото место.
Препорачано
Имено, видеото кое ги прикажува јадењата кои се најдоа на листата на најдобри печива во светот започнува со видео од бурекот кој го зазеде 10-тото место.
„И покрај неговото турско потекло, ова јадење еволуираше во горд скапоцен камен на босанската национална кујна. Иако повеќето локални жители тврдат дека само бурек со мелено говедско месо може да се нарече бурек, истото јадење се појавува и со други филови“, се наведува на веб-страницата „Тејст атлас“.
Првото место го зазедоа новопазарските мантии, за кои „Тејст атлас“ наведува: „Ова јадење по вкус потсетува на босанскиот бурек, но неговата форма е сосема поинаква – се обликува во мали топчиња кои се редат во тавче и се печат заедно“.
Второто место го зазема португалскиот деликатес пастел де Белем“, а потоа малезискиот карипап, грчката тригона панораматос и францускиот кроасан. На шестото место е грчката бугаца, а остатокот од листата го сочинуваат турскиот катмер, пачки од Полска и македонскиот зелник.
Надалеку прочуениот македонски специјалитет – зелникот, се најде на деветтото место на престижната листа на „Тејст атлас“.
View this post on Instagram
Зелник е традиционална македонска пита која може да се наполни со различни состојки како што се сирење, спанаќ, јајца, месо, праз или зелка. За најдобар резултат, зелникот треба да се премачка со путер и масло пред да се пече, за питата да добие златно-кафеава боја.
Зелникот е најдобар кога се служи топол, а се препорачува да се комбинира со чаша јогурт, на овој начин го опиша „Тејст атлас“.
Корисниците на социјалните мрежи заклучија дека, судејќи според листата, најдобрите печива всушност доаѓаат од поширокиот регион на Балканот.
Инаку, „Тејст атлас“ го избра македонскиот ајвар за најдобро мезе во светот за 2023 година.
Целта на рангирањето на „Тејст атлас“ е да промовира одлична локална храна, да влее гордост на традиционалните јадења и да разбуди љубопитност за јадењата што не сте ги пробале. Рангирањето на храната на „Тејст атлас“ се заснова на оценките на публиката на оваа реномирана веб-страница, со низа механизми кои препознаваат вистински корисници.
„Тејст атлас“ ги објави 10-те најлошо рангирани македонски јадења: Листата многумина ќе изненади!