
ВИДЕО | Психолог Ана Тодоровска: Поради стигмата и срамот жени со години трпат насилство, случаите треба да се решаваат брзо за да не се откаже жртвата
Стравот и срамот по доживеаното семејно насилство може да ја обесхрабрат жената да го пријави насилникот, а без тоа тешко ќе може да отпочне процесот на залечување и опоравување од траумата. Потребна е континирана едукација, но и подобрување на економската позиција на жената во општеството, зошто само со финансиска независност, сигурност и право на одлучување во својот живот, жена која е жртва ќе може да продолжи напред, смета психолог Ана Тодоровска од Советувалиштето за жени при Националниот совет за родова рамоправност.
Препорачано
Таа ја потенцира важноста од започнувањето на терапија зошто последиците можат да бидат катастрофални по жената – жртва и нејзината психа и може дури и да водат кон самоубиство, што покажува и неодамнешниот случај од радовишкото село Тополница, кога млада мајка на две деца си го одзеде животот со отров.
-Во моментот кога настанува насилството, лицето кое се соочува со траумата нема капацитет да се справи со тој настан. Неговата единствена задача во моментот е да го преживее настанот. Организмот ги мобилизира сите расположливи ресурси само за да се одржи жив. Меѓутоа откако ќе помине трауматскиот настан секако жртвата останува со тоа искуство коешто понатаму има ефект на психолошко ниво и на физичко ниво врз нејзиниот живот и доколку на тоа не се обрати внимание, и не се овозможи еден сигурен простор кадешто ќе се испроцесуираат и доживеаните настани и доживеаните емоции, кадешто ќе се понуди некаква техника за заштита тоа може да резултира на различни начини кај различни луѓе. Меѓутоа се јавува несоница, се јавуваат кошмари, се пореметува циклусот на спиење, циклусот на исхрана, контактот со останатите луѓе, се развива недоверба, срам, вина. Посебно срамот од своето тело и сензитивноста на допири. Понатаму тоа може, доколку не се обрати внимание на таа траума и да се обработи понатаму, личноста може комплетно да се изолира од средината и понатаму тоа да резултира со анксиозност, со депресија, со развој на различни растројства и секако во некој случај може да доведе и до суицид, објаснува психологот Тодоровска.
Нивната СОС телефонска линија која континуирано работи од 1994 година постојано прима повици од жени кои се жртви на насилство и кои се охрабруваат да побараат стручна помош. Психолог, правник и социјален работник ги прифаќаат повиците на жените во неволја во домот и одговараат на сите нивни прашања и потреби. Се работи на четири јазици, македонски, албански, турски и ромски. Полицијата регистрира просечно по 3 случаи на семејно насилство дневно, односно минатата година имало 1117 кривични дела од областа на семејното насилство во државава, а од 1191 жртва, најголем дел, 942 биле жени.
-Просечно во една година има од 400 до 500 повици, и се пријавуваат различни типови на насилство. Најзастапено е комбинираното, потоа втор најзастапен тип е физичкото па потоа психичкото и во најмал процент е сексуалното кое секогаш се јавува во комбиниран тип. Има разлика во процесот на советување и терапија. Советувалиштето нуди поддршка во процесот на справување со насилството и во однос на услугите кои се нудат, секоја жртва може да дојде на индивидуално советување и индивидуална средба која телефонски се договара однапред на бесплатниот тел број 141 – 700 и понатаму кога ќе се сретнеме ќе го договориме инцијалниот разговор, процесот и која ќе биде целта на тоа советување, кои се потребите и желбите на жртвата исто така ќе биде направена една проценка на психичката состојба во којашто се наоѓа и сите ресурси кои се потребни за да се поддржи за да се справи со тој настан. Од овој период сега активни се два повици кадешто отвараме групи. Првата група е отворена не само за жртвите на семејно насилство туку и за сите жени коишто се заинтересирани да работат на својот личен развој, да работат на било какви теми, прашања од својот живот и тие групи се спроведуваат секоја среда, едната е од 8 часот наутро, а другата е во 17 часот и на тие групи употрбуваме креативен израз, креативниот процес го користиме како еден начин за емоционално здравје, за подобрување на психосоцијалната состојба исто така еден вид на превенција, вели психологот Тодоровска.
Втората група е група за психосоцијална поддршка и за справување од последиците од преживеаното насилство се однесува исклучиво на жртви на семејно насилство кои ќе побараат помош преку СОС линија.
-Втората група се однесува конкретно на жртви на семејно насилство, жени кои преживеале било каков вид на насилство и во таа група користиме исто така креативни техники, но тука се работи за еден специфичен протокол којшто работи на целиот процес на траумата, на преживување и на справуање од последиците на таа преживеана траума. Тоа претставува една кратка и брза интервенција и тој процес трае. Тоа е затворена група и значи дека откако еднаш ќе се формира групата, си останува истиот состав. Исто така е важно да спомнам дека и самата група тука претставува еден извор на поддршка и една мрежа којашто може да ја поддржи жртвата. Во групната терапија користам протокол, кошто е релативно нов, кој е веќе испробан во земји кои се нарекуваат од Третиот свет, значи земји во кои стапката на сиромаштија, на навработеност е на високо ниво и се покажала како една брза, кратка и ефикасна интервенција, особено за луѓе коишто живеат во некои незавидни услови, меѓутоа е корисна за превенција од развој на пострауматско стресно растројство или некаква комплексна траума, изјави Тодоровска која е и практичар на експресивна арт терапија.
Во Советувалиштето, жртвите на семејно насилство можат да побараат и правна помош, на пример како може да се покрене постапка за развод, а од социјален работник се упатува жената до соодветните Центри и и` се објаснува кои услуги и се достапни и како да добие соодветна заштита за себе и за децата доколку се сведоци или исто така жртви на насилство во домот.
-Насилството како феномен ги надминува сите социјални слоеви и е присутно секаде. Исто така не е поврзано со возраста бидејќи на секоја возраст се појавува одреден тип на насилство. Забележуваме во последно време и по повиците дека присутно е врсничкото насилство се повеќе. Исто така дека се јавуваат случаи и на економско базирано насилство во смисла на тоа, постари лица искусуваат економско насилство поради тоа што од членовите на сопственото семејство се малтретирани поради плати, пензии, наследство итн. Би кажала да дека ова е комплексен проблем којшто може да има корени секакви, меѓутоа дефинитивно, социоекономската ситуација кај нас придонесува за појавата, за одржувањето на насилството тука и би кажала дека најчесто, затоа што се поставува прашањето зошто жените остануваат во таа насилна средина. Според претходните извештаи и анализи од центарот би кажала дека водечката причина е економската зависност на жената, затоа што уште голем дел од жените, особено во руралните средини се економски зависни од мажите, а тоа значи дека тие не можат да го напуштат домот, дека немаат други извори на финансии. Исто така најчесто имотот не се остава како наследство на жените, туку на машките членови на семејството. Би кажала дека во нашето општество главни фактори се стигмата и срамот којшто преовладува во околината па затоа и често жените со години молчат и го трпат тоа насилство, вели Тодоровска.
Она што недостасува за справување со овој општествен феномен е едукација на жените, кампањи и групи за поддршка. Надлежните органи како што се Министерството за внатрешни работи, за правда и Труд и социјална политика, обвинителството имаат свои конкретни надлежности во справувањето со семејното насилство, но недостига меѓуинституционална соработка и некогаш разрешницата на овие процеси едноставно трае премногу долго и често жените жртви се обесхрабруваат и се откажуваат во текот на самата постапка.
-Сметам дека треба посериозно да се работи на таа соработка меѓу институциите, побрзо да се реши проблемот за да не се откаже жртвата. Се јавува и проблемот на виктимизација на жртвата. Истата приказна таа треба да ја повтори 3 до 4 пати што прави преживување на приказната. Потребна е и обука на полициските службеници кои работат со оваа проблематика како да пристапат до една жртва, тонот како да се пристапи во таква итна кризна ситуација. И сериозно фали стручен кадар во сите инситутции. Невладиниот сектор нуди советување, а дел работи и со сторителите на насилство, има и организации кои нудат шелтер центри, дури и при МТСП се формирани шелтер центри каде може да се згрижат жртвите доколку сакаат, но жените сакаат долотрајно и долгорочно решение на нивниот проблем, вели Тодоровска.
Добра појдовна основа за заштита на жените од семејно насилство е Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство која по ратификацијата во 2018 година е обврзувачка и за Македонија и се прават напори за нејзина примена во македонското општество.
– Истанбулската конвенција ги дефинира прво сите типови на насилство, а потоа нуди една правна рамка за превенција, за заштита, а дава конкретни насоки како да се постапи при сите видови на насилства, со тоа што го надминува и факторот на културата, значи нешто што е множеби во општеството прифатено како насилство и е оправдано поради некакви обичаи, традиција. Меѓутоа оваа конвенција не го толерира тоа. Конкретно се пропишани точни насоки како да се постапи и нашата држава ја има потпишано оваа Конвенција веќе од 2018 година. Би кажала дека се преземаат некои чекори како што е усвојување на тој протокол и унифицирање на постапката во сите тие институции. Се преземаат некои нови мерки како кривично дело демнење, сајбер насилство, се прават некои промени, но сметам дека она што е поставено теоретски во Конвенцијата и она што се спроведува како пракса се уште не е на едно исто ниво. Дека треба уште време но многу е важно ова да се спроведе што е можно побрзо навистина во пракса да се спроведат овие мерки што ги пропишува конвенцијата, децидна е Тодоровска.
Целиот разговоро со Ана Тодоровска, психолог од Советувалиштето при Националниот совет за родова рамноправност погледнете го во видеото: