Фото: Принтскрин/ Фејсбук

ВИДЕО | Празните цркви во Белгија стануваат места за преноќување и забава

Исповедалниците каде генерации Белгијци ги кажувале своите гревови, сега се наредени во аголот на поранешната црква „Пресвето срце“ во градот Мехелен, што е доказ дека ја надживеале својата цел, пишува „Асошиејтед прес“, во статијата за пренамена на црквите во Белгија, кои станале хотели и кафулиња, па дури и ноќен клуб.

Зградата на оваа црква во белгискиот град, ќе биде затворена две години, додека не се направат кафулето и концертната сцена, а планот е црквата да се претвори во „ново културно жариште во срцето на Мехелен“, блиску до местото каде што живее белгискиот надбискуп.

Поранешна францисканска црква, веќе е пренаменета во луксузен хотел, во кој познатиот белгиски пејач Стромае ја поминал првата брачна ноќ.

„Тоа е болно. Нема да го кријам. Од друга страна, враќањето во минатото не е можно“, вели монсињор Јохан Бони, бискуп од Антверпен.

Според „Асошиејтед прес“ сè поголем број на, некогаш свети градби, се пренаменуваат за различни цели, од продавници за облека до ноќни клубови. Се вели дека е феномен што може да се забележи во голем дел од континентална Европа, од Германија до Италија, но и во многу земји помеѓу.

Во просек, секој од 300-те градови во Фландрија има околу шест цркви, но често нема доволно верници да наполнат една црква. Некои цркви иако се во центрите на градовите, нивното одржување не е на високо ниво, бидејќи се потребни значителни финансиски средства.

Мехелен, град со 85.000 жители северно од Брисел, е римокатоличкиот центар на Белгија. Има многу цркви, од кои неколку се наоѓаат во близина на катедралата „Свети Румболд“ со нејзината камбанарија, која е дел од светското наследство на УНЕСКО. Градоначалникот на овој град, Барт Сомерс со години работи на пренамена на многу од овие сакрални згради.

„Во мојот град имаме паб во поранешна црква, имаме хотел, културен центар, дури имаме и книжарница. Значи, имаме многу нови намени за нефункционалните цркви“, вели Сомерс.

Како значаен проект за пренамена е напуштената црква во Мехелен, во хотел, каде што било потребно внатрешноста на црквата целосно да се уништи за да се направат соби.

„Често слушаме дека луѓето доаѓаат овде да се релаксираат и да уживаат во тишината“, вели Емили Де Претер, менаџерката на хотелот.

Дилемата е дали пренамената на црквите во хотели или пабови е етички коректно. Градоначалникот Сомерс вели дека без разлика што веројатно „луѓето спијат во црквата, а можеби имаат и секс во црквата“, за него најважно е да се зачува архитектонската вредност на објектот.

Инаку, црквата „Свети Антониј од Падова“ во Брисел, е претворена во адреналински клуб за качување. Додека пак, ноќниот клуб „Спирито“ го преземал објектот на англиканската црква, на чие лого има цртеж на свештеник кој бакнува калуѓерка.

Во разговор со „Асошиејтед Прес“, бискупот Бони, не очекувал дека ова е единствениот начин да се зачуваат овие свети места. Тој верува дека дури и ако католичката вера полека изумира, чувството и размислување за светото сè уште се присутни, па поради тоа смета дека нема потреба црквите да се претвораат во хотели, супермаркети или дискотеки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот