
ВИДЕО | Потресно сведоштво на холивудската ѕвезда Бен Стилер: „Се чувствував несреќно и изгубено“
Бен Стилер, по смртта на својот татко, започнал долг процес, потрага по одговор, кој го поттикнал да сними документарен филм за своите познати родители.
Во документарецот „Стилер и Мира: Ништо не е изгубено“ (Stiller & Meara: Nothing is Lost), кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Њујорк, актерот и режисер Бен Стилер откри тежок период од својот живот, вклучувајќи го и привремениот прекин на бракот со сопругата Кристин Тејлор.
Препорачано
Криза и чувство на изгубеност
Стилер (59) откри дека, иако неговата кариера изгледала стабилно, во приватниот живот се чувствувал сосема поинаку. Во периодот на раздвоеност со Тејлор, кој започнал во 2017 година, се борел со тага и внатрешна нерамнотежа.
„Работите навистина не беа сјајни во мојот приватен живот. Едноставно се чувствував неурамнотежено и несреќно, како одвоен од семејството, од моите деца … и едноставно, изгубено“, изјавил атерот.
Токму таа лична криза го насочила кон приказната за неговите родители, легендарниот комичар Џери Стилер и актерката Ана Мира.
„Почнав да размислувам за моите родители, за стресот и притисокот што го чувствував уште од детството, како работеа заедно и како успеаја да опстанат низ сето тоа“, објаснува Стилер. Додава дека сакал да разбере „како успеале да го издржат тоа и останат поврзани“.
Бен и Кристин се почнале повторно да живеат заедно во февруари 2022 година.
Документарниот филм е исполнет со семејни архивски снимки и аудио-записи, од проби на нивните комичарски настапи, до интимни разговори. Бен и неговата сестра Ејми во филмот споделуваат дека нивниот татко чувал сè: од маски за нуркање и новински исечоци, до љубовни писма од почетокот на врската со Ана.
Џери Стилер и Ана Мира се запознале во 1953 година и брзо се венчале. Во брак поминале над 60 години, сè до нејзината смрт во 2015 година. Како комичарско дуо стекнале слава во 60-тите години, а подоцна и поединечно, особено Џери со неговата улога во серијата „Seinfeld“.
Каде ќе се прикажува филмот?
По премиерата во Њујорк, филмот „Stiller & Meara: Nothing is Lost“ ќе се прикажува во одбрани кина од 17 октомври, а од 24 октомври ќе биде достапен и на стриминг платформата „Епл ТВ+“.