Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Откриена бизарна мрежа за проституција во Дубаи: Бизнисмени со чудни фетиши, мистериозна смрт на девојки – еден човек стои зад сѐ

Две Уганѓанки загинале по пад од висококатници во Дубаи, при што нивните смртни случаи се поврзуваат со мрежата на Чарлс Мвесигва. Иако полицијата ги припишала трагичните настани на алкохол и на дрога, извештаите и сведоштвата отвораат сомнежи, особено бидејќи семејството на една од нив никогаш не го добило нејзиното тело.

Маж, кој водел секс-мрежа во најлуксузните квартови на Дубаи и експлоатирал ранливи жени, е идентификуван преку истрага на „Би-би-си“.

Чарлс Мвесигва, кој тврди дека е поранешен возач на автобус во Лондон, му рекол на прикриениот новинар на Би-би-си дека може да обезбеди жени за секс-забава по почетна цена од 1.000 долари (740 фунти), додавајќи дека многу од нив можат да прават „речиси сè“ што сакаат клиентите.

Гласини за диви секс-забави во емиратот кружат со години. Хаштагот „#Dubaiportapotty“, кој е прегледан повеќе од 450 милиони пати на „Тикток“, води кон пародии и шпекулативни „разоткривања“ за жени обвинети дека се инфлуенсерки, жедни за пари, кои тајно ги финансираат своите животи исполнувајќи ги најекстремните сексуални барања, објави „Би-би-си“.

Истрагата на британската медиумска куќа покажала дека реалноста е уште помрачна.

Млади жени од Уганда рекле дека не очекувале оти ќе мора да се занимаваат со проституција за Мвесигва. Некои верувале дека патуваат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за да работат во супермаркети или во хотели.

Според Мија (лажно име за заштита на идентитетот), барем еден од клиентите на Мвесигва редовно барал да врши нужда врз жените. Таа рекла дека била заробена во мрежата на Мвесигва.

Според сознанијата на „Би-би-си“, две жени, поврзани со него загинале, паднати од висококатници. Нивните смртни случаи биле означени како самоубиства, но семејствата и пријателите сметаат дека полицијата требало да истражи повеќе.

Мвесигва рекол дека инцидентите биле истражени од полицијата во Дубаи и ги упатил новинарите кај нив. Тие не одговориле на барањата на репортерите.

Една од загинатите делела стан со 50 девојки

Една од жените кои загинале, Моник Карунги, пристигнала во Дубаи од западна Уганда.

Според сведокот со псевдоним Кеира, таа делела стан со десетици други жени кои работеле за Мвесигва.

– Неговото место беше како пазар… имаше околу 50 девојки. Таа не беше среќна бидејќи не доби тоа што очекуваше – вели Кеира.

Сестрата на Моник, Рита, вели дека таа мислела дека ќе работи во супермаркет.

– Тој беше насилен кога му реков дека сакам да си одам дома – вели Мија, која исто така ја познавала Моник.

Таа додала дека Мвесигва ѝ кажал дека веќе му должи 2.000 фунти и дека долгот двојно се зголемил за две недели.

– Пари за авионски билет, за виза, за сместување, за храна… Значи мораш да работиш напорно, молејќи мажи да дојдат и да спијат со тебе – објаснува Мија.

Според роднина по име Мајкл, Моник му кажала дека по неколку недели му должела на Мвесигва повеќе од 27.000 долари. Мајкл добивал и гласовни пораки во кои таа плачела.

Мија сведочи дека клиентите најчесто биле бели Европејци и дека барале екстремни фетиши, како човек кој барал од жените да јадат измет.

Клиентите имале морничави желби

Друга жена, „Лекси“, која вели дека била измамена од друга мрежа, потврди дека таквите барања биле чести. Таа опиша клиент кој понудил 4.000 долари за групно силување, уринирање во лице, тепање и уште 1.400 долари за снимање на јадење измет.

Лекси верува дека постоел и расистички елемент – клиентите сакале жртвата да биде црнкиња.

Таа се обидела да побара помош од полицијата, но вели дека ѝ рекле: „Вие Африканците си правите проблеми меѓусебно. Ние не сакаме да се вмешуваме“, а потоа ја прекинале комуникацијата.

Лекси на крај избегала назад во Уганда и сега им помага на други жени во слични ситуации.

Сомнителни паѓања од згради

Моник паднала од балкон во мај 2022 година. Пријателите велат дека се обидувала да се извлече од мрежата на Мвесигва.

Слична судбина доживеала и Кејла Бирунги, исто така Уганѓанка, која паднала од висококатница во 2021 година. Документи покажуваат дека нејзиниот стан бил управуван од Мвесигва.

Иако полицијата ги поврзала двата смртни случаја со алкохол и со дрога, токсиколошкиот извештај за Кејла покажал дека во нејзиното тело немало такви супстанции.

Семејството на Моник никогаш не го добило нејзиното тело.

Бараат работа, но завршуваат експлоатирани

Овој случај е дел од пошироката шема: илјадници Уганѓани заминуваат во Заливот во потрага по работа, со што земјата заработува 1,2 милијарди долари годишно. Но, многумина завршуваат експлоатирани.

Активистката Маријам Мвиза вели дека спасила повеќе од 700 луѓе од вакви мрежи.

– Им ветуваат работа во супермаркет, а потоа ги продаваат како проститутки – вели таа.

Би-би-си го замолил Чарлс „Аби“ Мвесигва да одговори на сите обвинувања. Мвесигва ги негирал обвиненијата. Тој рекол дека им помага на жените да најдат сместување преку изнајмувачи и дека тие го следеле на забави поради неговите богати контакти во Дубаи.

– Јас сум само забавен човек кој носи големи потрошувачи на маса, па многу девојки доаѓаат кај мене. Затоа познавам многу девојки и толку – рекол тој.

Семејствата на жртвите стравуваат дека историјата ќе се повтори ако не се преземе ништо.

– Ние сите ја сведочиме смртта на Моника. Но, кој е таму за девојките што сè уште се живи и се таму? Тие и понатаму страдаат – вели нејзиниот роднина Мајкл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот