
ВИДЕО | Османи пред МРТВ: Јас дојдов на закажаната дебата, но Меџити избега
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од политичката партија ДУИ, Бујар Османи, денеска се појави пред Македонската телевизија, каде што требаше да се одржи јавна дебата меѓу него и неговиот противкандидат Изет Меџити од Коалицијата Вреди. Османи информираше дека, и покрај уредната покана и потврдата за негово присуство, дебатата е откажана поради отсуство на Меџити.
Препорачано
– Денеска во 12 часот требаше да се одржи дебатата меѓу мене и мојот противкандидат. Јас дојдов, го ослободив терминот, ги откажав средбите со граѓаните, за тие да го видат соочувањето меѓу понудите – изјави Османи.
Тој ја повика Македонската радио телевизија да го испочитува зборот од поканата, дека и во случај на отсуство на еден кандидат, столчето ќе остане празно. Според Османи, ваквиот потег покажува отсуство на храброст и однос кон јавноста.
Османи додаде дека ќе продолжи со директни средби со граѓаните, најавувајќи промена на 19 октомври.
– Промена која не бега од соочување, која има храброст да зборува за минатото, сегашноста и иднината, а не како оние кои се обидуваат да се кријат зад камерите – изјави тој.