
ВИДЕО | Одбраната бара ослободителни пресуди за Кешишев, Манев и Видевски за убиствата на Вања и Панче
Бранителот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, денеска во Основен кривичен суд Скопје побара ослободителна пресуда за неговиот клиент во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера тоа да се случи. Евентуална вина, како што посочи, може да сноси само за грабнувањето на Вања.
Препорачано
– Од доставените и изведени материјални докази на кои се темели обвинителниот акт на обвинителството, како и од распитот на сите сведоци и обвинети, со ништо не се потврди учеството во дејствие на сторување како извршител или соизвршител на обвинетиот Кешишев. Ова дополнително се потврди и од самиот распит на обвинетиот Влатко Кешишев, како и од распитот на обвинетиот Велибор Манев, но и од исказот даден во обвинителство на обвинетиот Боре Видевски – рече адвокатот.
Дополни дека обвинетиот не може да биде ниту обвинет, а уште помалку осуден како соизвршител, бидејќи за да истиот биде соизвршител е потребно неговите дејствија да се неопходно потребни за извршување на кривичното дело кое му се става на товар, а такви дејствија од негова страна, според адвокатот, не постојат.
– Бараме од судот, при донесувањето на одлука за обвинетиот Кешишев, особено да го има предвид фактот дека да не беше каењето и товарот на совеста на обвинетиот, немаше да бидат пронајдени ниту телата на убиените односно со негов особен придонес при распитот пред полициските службеници го посочил местото на закопувањето на оштетените. Како и што посочи самиот, слушајќи ги наредбите од Палевски, преземал дејствија без да размислува за можни последици. Состојбата на неговата совест и каењето, но и стравот којшто го имал целосно е опишан во неговата прва реакција вечерта при претресот во седиштето на партијата каде на полицискиот службеник – сведокот Дејан Димовски му кажал, цитирам – кај сте до сега ве чекавме – рече Ефремов.
Одбраната тврди дека Кешишев бил во состојба на страв и подложност кон Палевски, што го потврдува со фактот дека, откако слушнал за настаните во Велес, побарал да се врати во Штип, но не му било дозволено. Овој момент, според одбраната, покажува дека Кешишев всушност бил заложник и жртва на туѓи одлуки и интереси.
Тој признава дека бил присутен при грабнувањето на Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 година, но вели дека не знаел која е личноста, бидејќи информацијата ја имале само Манев и Палевски.
Одбраната истакна дека обвинетиот Кешишев бил цело време на располагање на истрагата и со неговата соработка значително придонел кон расветлување на случајот. Побара од судот непристрасно да ги оцени фактите и да не му се припишува вина за дела за кои нема докази дека ги сторил, ниту како извршител ниту како соизвршител.
Претходно, ослободителна пресуда побараа и бранителите на обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски.