
ВИДЕО | Навраќање на добрите времиња со Угро…
Кога помислуваме на Угро, веднаш се навраќаме на крајот на деведесеттите години… Убави времиња, нели?
Препорачано
Никола Угриновски – Угро е познат музичар, продуцент и мултимедијален уметник, кој пред многу години скрои многу хит-синглови како „Знам дека си ти“, „Шест броја“, „Фраер од пелени“, кои беа дел од неговиот единствен албум „Угро План“. Угро беше рапер, кој со својот колоритен „стори телинг“ стил на рап, често нè шеташе низ неговите музички приказни и ексцентрични видеа. Неговиот стил е и понатаму влијателен кај современите македонски рапери.
„Сè почна со синглови и долго време ми требаше да склопам албум. Што поради моја мрзеливост, што поради тоа што работев за други… ах, можеби бев и растрчан на неколку терени, тоа беше продукција, радио, ТВ, настапи, пеење итн.“, вели Угро за „Утрински печат“.
Кога го прашавме за стилот на живеење и творење во деведесеттите години, тој ги опиша како „убави времиња, времиња што беа далеку несериозни, понаивни, и некако… сè беше во ред“.
Угро сега има 50 години и е татко на две ќерки, кои со својата мајка живеат во Скопје. Времето со нив го поминува кога се престојува во Скопје.
Многу работи се сменија, вели Угро, дури и локацијата, која што често ја менува крстосувајќи работно на брод, каде пред 11 години, реши да замине од Македонија и музичката кариера и продукцијата да ги замени со работа со која може да обезбеди удобен живот за своите ќерки.
Неговото работно искуство брои многу успешни проекти, реклами, документарци. Пасијата за видеопродукција и фотографија ја отслика на многу рекламни проекти и спотови, како спотовите на Тамара Тодевска, Маја Саздановска, Слаткар, Дарио итн. Исто така, се најде и во улогата на водител. Но, неговата желба за медиумска застапеност и музика полека згаснаа.
Тој вели дека постои мислење дека причината на неговото професионално „згаснување“ е разделбата со сопругата и другите тешки околности што го натерале да ја напушти државата.
„Во одреден момент, фудбалерот ќе ги стави своите копачки на ѕид, пејачот ќе го стави микрофонот на некое долапче или во некоја фиока.“
Позитивен, надежен, со задоволство вели дека веќе многу години е зад камерата, каде што нашол начин како креативната експресија да ја преточи. Животот му е сменет… Но, неговиот дух е непроменлив. Скромен, надежен. Човек што го живее животот ден за ден.
Угро во моментот се наоѓа во Лас Палмас, Канарските Острови, од каде што, во негов стил, со громогласни пораки и хумор им порача на читателите и младите генерации:
„На новиве генерации им порачувам што подалеку да заминат и да го видат светот. Доколку сакате да се вратите, тоа е ваш избор. Доколку не, да сте живи и здрави. Од мене отприлика толку, чувајте се, бидете фини, трудете се колку што можете повеќе.
Да сте живи и здрави.
Чичко Угро!“
Повеќе од разговорот со Угро, можете да погледнете во продолжение на следниот линк: