Христијан Мицкоски Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Мицкоски: Пратениците слободно нека одат и во АНБ и во Разузнавање, го кажав своето

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека прислушкувањето трае уште од 1990-те и дека со системот и понатаму управуваат истата структура и луѓе блиски до поранешната власт.

„Нека појдат пратениците во сите агенции, и во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и во Агенцијата за разузнавање (АР), кажав што имав да кажам, нема што повеќе да зборувам“.

Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, при денешниот увид на проекти во Гази Баба, одговорајќи на новинарско прашање што очекува од посетата на пратениците на АНБ по наводите за негово незаконско прислушување како опозициски лидер, новинари и бизнисмени, како и за коментар на барањето на опозицијата да се декласифицираат податоците.

Премиерот на централната прослава за Денот на независноста истакна дека дилемата не е дали материјалите ќе бидат декласифицирани, туку како да се спречат нивните злоупотреби, нагласувајќи дека за тоа мора да има одговорност.

„Се следи и се прислушкува од 1990-те години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде што на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот од моето следење“, рече Мицкоски.

На денешната седница на Комисијата за надзор на АНБ и Агенцијата за разузнавање беше одлучено нејзините членови со безбедносен сертификат да ја посетат АНБ и да ги разгледаат доставените документи. Со работата претседаваше пратеникот Блерим Беџети, а беше договорено утре во 12 часот Комисијата да изврши надзор и во Агенцијата за разузнавање.

Пратениците конечно се договорија – одат во контрола на АНБ

Седницата беше свикана на предлог на пратеникот Љупчо Пренџов, по информациите дека АНБ во периодот 2019–2024 година го прислушувала тогашниот опозициски лидер, а сега премиер, Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени.

Директорот на АНБ, Бојан Христовски, соопшти дека документацијата е предадена на Обвинителството, од кое Мицкоски повеќепати очекувал да постапи. Опозицијата, пак, бара декласификација на документите и најавува прес-конференции на кои ќе ја објавува вистината за случајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот