ВИДЕО | Ќе остане ли Швајцарија без алпските села? Климатските промени носат драматични промени на Алпите

Климатските промени носат драматични промени на швајцарските Алпи, каде некогашните идилични планински села се соочуваат со сериозни природни закани. Топењето на вечниот мраз, сè почестите поројни дождови и смртоносните поројни поплави ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови додека локалните власти се обидуваат да балансираат помеѓу инвестициите во безбедносните мерки и неизбежната одлука да се повлечат од најзагрозените подрачја.

Франциска фон Берген пораснала во Гутанен, село сместено во долината на реката Ааре во швајцарскиот кантон Берн. Нејзиното детство го обележале идиличните глетки на природата – поточињата, зеленилото и планинската тишина.

„Тоа беше рај за мене“, се присетува таа.

Но, денес тој рај стана зона со висок ризик. Топењето на вечниот мраз, предизвикано од глобалното затоплување, ги дестабилизира планините, додека обилните дождови ги испираат ослободените маси од карпи и земја во долината.

Систематските климатски промени предизвикаа драматични промени во пределот на Гутанен. Реката Ааре, која фон Берген ја памети како тивок поток, денес е широка повеќе од сто метри, исполнета со купишта карпи и камења кои стануваат сè поголема закана. Поројните текови, комбинацијата на одрони на земјиштето, карпите и обилните дождови, ги уништуваат долините, загрозувајќи ги селата како Гутанен, пишува германскиот Тагесшау.

Во 2023 година, пороен тек ја погоди оваа област, а на видеата се забележени моментите кога илјадници тони камења и земја се движеа кон долината. Масата запрела на само неколку метри пред куќата на Франциска фон Берген. Иако нејзиниот дом го избегнал уништувањето, општинските власти решиле да издадат забрана за користење на куќата поради непредвидливоста на идните одрони. Фон Берген тажно го напуштила домот во кој планирала да ги помине останатите години од животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот