
ВИДЕО | Истекоа авторските права за најстарата верзија на Мики Маус: Најавен првиот хорор-филм со култниот лик
Најстарата позната верзија на популарниот анимиран лик Мики Маус од 1 јануари 2024 година е во јавна сопственост, што значи дека во иднина може да се очекуваат нови верзии на цртани филмови и адаптации засновани на овој култен лик. Сепак, малкумина очекуваа дека истиот ден ќе биде објавен хорор-филм со ликот на Мики, пишува „Дедлајн“.
Препорачано
Всушност, верзијата на Мики Маус од краткиот анимиран филм „Параброд Вили“ е во јавна сопственост, па во трејлерот на новиот хорор-филм гледаме извадоци од тој цртан филм, наизменично со кадри од забавен парк, каде убиец носи маска на популарниот глушец кој демне група млади луѓе.
Филмот наречен „Стапицата на Мики Маус“ е снимен, монтиран и режиран од Џејми Бејли, додека сценариото го напиша Сајмон Филипс.
Ова не е првпат нискобуџетните студија да одлучат да снимат хорор-филм базиран на популарни анимирани ликови, откако нивните тие стануваат јавна сопственост.
Креаторите на „Стапицата на Мики Маус“ се надеваат на истиот успех што го постигна „Вини Пу: Крв и мед“, бизарен хорор-филм, кој исто така беше создаден откако анимираниот лик на мечето стана јавно добро. Од „Дизни“ објавија дека „ќе продолжат да ги штитат своите права за модерните верзии на Мики Маус и другите дела што остануваат во авторски права“.
„Помодерните верзии нема да бидат засегнати од истекувањето на авторските права, а Мики Маус ќе продолжи да игра водечка улога како глобален амбасадор на ‘Дизни’ во нашите приказни, атракции во забавните паркови и брендирани производи“, велат од компанијата.
Нискобуџетниот хорор-филм би требало да излезе во март оваа година.