проф. д-р Никола Минов, Филозофски факултет/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. Минов: Нема оправување за грешките во учебникот, тие се комбинација од незнање, површност и неодговорност

Професорот Никола Минов од Филозофскиот факултет како убедливо најлош учебник по историја досега, го оцени последниот учебник на МОН „Историја и општество за петто одделение, нагласувајќи дека низ неговото повегодишно искуство низ образовниот процес и како некогашен ученик и како универзитетски професор во последните 12 години наишол на прилично квалитетни, но и просечни, па и подпросечну учебници за предметот Историја.

-Ова е учебник којшто ќе произведе деца кои нема да можат да се снајдат ниту во просторот ниту во времето, што нема да знаат што е лево, што е десно, што е гору, што е долу, нешто што страшно ќе им се одрази во животот, за жал доколку овој учебник продолжи да се користи, дециден е д-р Никола Минов кој потоа своето тврдење по поткрепи со своите забелешки, односно пропустите и грешките кои постојат во овој учебник посебно во делот на историјата и географските факти.

Вчера и Здружението на историчари во својата реакција за учебникот наведе петнаесетина катастрофални грешки кои постојат на страниците на учебникот „Историја и општество“ и побара од МОН да го повлече учебникот од употреба.

Министерот за образование Јетон Шаќири синоќа изјави дека до второто полугодие ќе има решение за спорниот учебник и ќе побара од авторите да ги коригираат грешките.

-Ако се утврди дека грешките се повеќе од 30%, ќе заземеме став учебникот да се повлече. Очекуваме дали се само тие или има уште, рече Шаќири.

Станува збор за најмалку 20.500 примероци на учебникот, зошто на македонски јазик тиражот е над 12.500 примероци, а истите грешки се повторуваат и во изданието на албански јазик, печатено во тираж од над 7.000 примероци. Финансиската штета од печатењето на овој учебник е огромна, но уште поголема ќе биде врз учениците ако со сите грешки, недоследности и небулози остане во оптек во наредните години.

-Во учебникот има толку многу грешки што тие се правило, а не случајност или исклучок. Грешката за која сите зборуваат дека Албанија е сосед на исток, а Бугарија сосед на запад е само една во низата поради кои децата нема да знаат да се ориентираат во просторот. На страна 88 стои дека  „Бразил е најголема соседна територија во САД“. Децата треба да научат дека Бразил е во САД или дека е сосед на САД, а веднаш по оваа информација има мапа на која се гледа каде точно се наоѓа Бразил. Ќе произведеме десетици илјади деца, а доколу учебникот се користи во следните 5 години и стотици илјади деца коишто ќе немаат претстава за простор и утре кога ќе тргнат на запад ќе пристигнат во Ќустендил, досетливо забележува проф. Минов кој во гостувањето во емисијата Утрински печат образложи десетина клучни грешки за кои рече дека се полувистини и небулози.

Во учебникот има и катастрофално преставување на историските периоди, „утки“ и по 38 векови, и илјадници години, а погрешна претстава ќе имаат децата и за големина, длабочина и височина, вели проф. Минов нагласувајќи ги веќе споменатите грешки со височината на Монт Еверест и длабочината на Мртвото Море. Се прават грешки кои катастрофално ќе се одразат врз иднината на децата, дециден е проф. Минов.

-На стр. 86 стои дека територијата на САД се наоѓа зад Бразил и Кина со што е петта земја по големина на планетата. Јас уште во основно сум учел дека САД се поголеми од Бразил и тоа скоро за еден милион километри квадратни, а авторките тврдат дека Бразил е поголем од Кина. А во претходната реченица тврдат дека САД е втора поголемина во западната хемисфера зад Канада, што е точно, но со презентираното во претходната реченица дека Бразил е поголем од САД, веројатно не знаат дека и Бразил е во Западната хемисфера, можеби мислат дека е во Источната, забележува проф. Минов.

Тој се осврна и на целосно неточните информации кои поради овој учебник трајно ќе им се врежат во главите на децата дека Никола Тесла е изумител на електричната енергија, а дека Марија Кири е добитник на непостоечката „Нобелова награда за наука“.

Овој учебник за петто одделение се провлече низ неколку филтри и никој не ги забележа грешките. Потпишани се тројца рецензенти, уредници, Национална комисија за учебници и Биро за развој на образование и од сите доби виза за печатање.

-Нема оправдување за вакви грешки. Авторките се извлекуваа дека ова се технички грешки. Станува збор за  комбинација од незнање, површност и неодговорност. Кај авторките очигледно се работи за незнаење. Не верувам дека за незнање се работи кај сите останати. Моја претпоставка е дека рецензентите не посветиле внимание на содржината, туку само на формата: дали има слики, дали е застапена родовата проблематика итн., а ако прочитале ќе ги уловиле грешките, вели проф. Минов.

Тој посочи дека на конкурсот за пишување на учебникот, според кажувањето на авторките, никој друг не се јавил со понуда, затоа што тоа е поврзано со концепцијата за образование и дебатите од 2020 година за укинување на предметот историја односно негово спојување со предметот граѓанско образование и географија на која се споривстави научната фела и историчарите.

-МАНУ, Сенатот на УКИМ како целина, Филозофскиот факултет како факултет каде се произведува наставниот кадар кој предава историја едногласно се спротивставија на ваквот избрзано носење и спроведување на концепцијата за основно образование. Токму од неа произвлегува и овој учебник.  Историчарите како фела не сакаат да бидат дел од  ваква избрзана концепција за осново образование каде историјата не би рекол дека се укинува, но се маргинализира.

Целото интервју со проф. Никола Минов погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот