Рашела Мизрахи - пратеничка / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Мизрахи: Редно е Бугарија да ни се извини за елиминацијата на целиот еврејски народ во Македонија

Пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, македонска Еврејка, потсетува дека пред 80 години за еден ден се уништени дури 98 отсто од еврејската популација на Македонија што ја става нашата земја прва на листата по елиминација на еврејството. Во интервју за „Слободен печат“ таа зборува и за ставиот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, како и за имплементацијата на измените на Законот за здруженија и фондации чиј рок истекува на 16 март

Македонија има трајна определба да се сеќава на своите почитувани сограѓани, 7.144 македонски Евреи кои бугарските фашистички окупатори ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година ги депортирале во концентрацискиот логор Треблинка во окупирана Полска, каде сите биле убиени. Годинава навршува јубилеј од тие ужасни настани, на кои се сеќаваме за никогаш да не се заборават и предупредуваме за никогаш да не повторат. Пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи, македонска Еврејка, потсетува дека пред 80 години за еден ден се уништени дури 98 отсто од еврејската популација на Македонија што ја става нашата земја прва на листата по елиминација на еврејството. Во интервју за „Слободен печат“ таа зборува и за ставиот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени, како и за имплементацијата на измените на Законот за здруженија и фондации чиј рок истекува на 16 март.

– Ако споредимне со други држави каде имаше масовна елиминација на Евреите, како Латвија и Литванија ќе видиме елиминација од 95, 96 проценти, што се енормни бројки, но Македонија е прва. Во денешна смисла кога ќе чуете 7.144 во споредба со оние 6,5 милиони убиени Евреи од кои 1,5 милион деца, можеби ќе добиеме призвук на мала бројка, но треба да се земе в предвид статистиката на целокупната балканска популација за да се сфати што се случило во Македонија. Еврејското маало во еден ден замолкнало, ниту имало говор на ладино, ниту песни, ниту деца по улиците, ниту прослави, ниту некој жалел, едноставно, стивнало Скопје, стивнала Битола и стивнал Штип. Како да ја разбереме морбидноста на настанот, како е можно да се случило такво нешто? Сум слушала, тогаш зборувале дека тоа е невозмножно, се прашувале како тоа сите ќе нè соберат, како тоа сите ќе исчезнеме? Апсолутно не верувале, сметале дека како прво, се работи за цело маало, а како второ дека имале пријатели, комшии, некој ќе види, некој ќе чуе, невозможно е да е реално, нема тоа да се случи… Недовербата кон такви настани ја има до денес. И во Украина населението не веруваше дека војна ќе се случи, па ете, се случи. Затоа да не заборавиме, да се сеќаваме на жрвтите и да се сеќаваме на моментот дека омразата може да стане пандемија, а таа пандемија да се претвори во лудило кое ќе резултира со системски, законски изведено елиминирање на цел еден народ, што се отсликува и во информациите од конференцијата Ванзе во која се носи конечното решение за Европа чиста од Евреи. А еве сме тука денес во Европа, јас сум наследник на оние кои преживеаја, кои останаа во Македонија и го чувам сведоштвото на нив, го споменувам нивното име и го обновувам не само сеќавањето за нив, туку и за она што може човечкото лудило да го направи.

Бугарија никогаш не се соочи со своето минато и улогата во смртта на вкупно 11.343 Евреи од Вардарска и Егејска Македонија и од Југоисточна Србија, поточно, од териториите што тие го окупирале во 1941 година. За разлика, пак, се гордеат и не испуштаат прилика да се пофалат пред светот со фактот дека бугарските Евреи не биле депортирани и дека Бугарија е една од ретките држави што ја сочувале скоро целосно својата еврејска заедница. Што, секако е лицемерно, во најмала рака. Неодамна имаше повик од група бугарски интелектуалци до државата да се соочи со мрачните моменти од сопственото минато, да ја признае и прифати одговорноста за Евреите од окупираните територии и да се извини. Мислите ли дека е дојдено времето за катарза во бугарското општетство и соочување со минатото, со оглед на нивното инсистирање да не го читаме нивното минато како на фашистичка земја, од една страна, но и забраната на традиционалниот Луков марш неодамна, од друга страна?

– Формално да. Но, ова не е нова приказна. Се актуелизираше во јавноста со потпишувањето на Договорот за добрососедство и сите билатертални проблеми што произлегоа од него. Но, проблемот со признавањето на геноцидит врз македонските Евреи извршен од бугарскиот фашистички окупатор е стар над 20 години. Со осамостувањето на Македнија се актуелизираше прашањето што се случи со Евреите во Втората светска војна и за избегнувањето на превземањето на одговорност од страна на бугарските власти. Ако се сеќавате, Бојко Борисов пред неколку години дојде во Меморијалниот центар и во монополот и се поклони пред жрвтите, но, неговата реторика не беше извинување, туку рече, да го цитирам, дека непознати луѓе во црна униформа ги депортирале, што апсолутно не кореспондира со вистината. За вистината денеска зборуваат и во Бугарија, како господинот Саломон Бали, се огласуваат и други. Оваа сторија за македонските Евреи е фактографска, документацијата, микрофилмовите, фотографиите, сè е документирано и не припаѓа на ниедно нерасчистено билатерално прашање, туку е достпно за целиот свет и во вашингтонскиот меморилален центар, во берлинскиот центар и во Јад Вашем во Израел. Нормално, документирано е и во Македонија, во нашиот четврт најголем меморијален центар во светот, кој ја раскажува приказната за македоснките еврои, а идејата е да ја прикажува и приказната за еврејството на Балканот. Ние сме повеќе од свесни дека благодарејќи на трагедијата на Втората светска војна и асимилацијата, еврејството на овие простори полека ќе стивне, но тоа не значи дека ние не сме биле дел од оваа култура, дека не сме допринеле за случувања кои се историски, геостратешки, културни, кулинарски итн на Балканот. Сега се актуелизираат прашања кои се историски факти. Зошто? Затоа што политиката наместо да учи од историјата се обидува да наметне историја. Иако дефинициите во Брисел, во ОН, говорат за едно главно начело – да не се дозволи реконструкција на историјата и негорање на геноцидот и холокаустот. Такви тенденции има насекаде во светот, но вака брутално ги нема, затоа што не се дозволува да се отвараат билатерални историски прашања за овие теми.

Пратеничката Рашела Мизрахи во „Утрински печат“/Фото: Слободен печат

Ако немате окупација, немате ни антифашистичка Македонија

 

Како е можно светот досега да ѝ дозволи воопшто на Бугарија, како земја сојузничка на Третиот рајх, да не се соочи со одговорноста за сурова егзекуција на над 11 илјади лица? Што е општоприфаено во светот, кој е одговорен за нивната трагична судбина?

– Бугарија ни наметнува историски факти преку еден клучен збор, кој треба да се поништи, тоа е зборот окулација кој треба да се замени со администрација, за да се прикаже дека немало окупакција во овој регион, туку биле заменети административните форми, како еквивалент на администрација што се менува во едно претседателство или премиерство при промена на власта. А не дека се работи за туѓа територија, друг народ кој бил преземен насилно, дека тука била донесена, војска, полиција, свештенство и тие насилно спровеле закони кои биле изгласани во парламентот во Бугарија. Законот за чиста нација бил донесен три месеци пред Бугарија да влезе во пакт со Хитлер, тоа е подготовка да влезе во тој нацистички фашистички сојуз и со тоа Бугарија прикажала благонаклонетот за спроведување на нирнбершките одлуки кои се одлуки за елиминација на еврејското население. Потоа го донеле и законот за еднократен данок. Да, ни се наметнува реторика на бришење на историјата. Клучно во бришењето е ако немате окупација, немате народно ослободително движење, немате партизани и немате антифашистичка Македонија, која треба да припадне во антифашистичка Европа.

Дискутабилно е колку во меѓународни рамки ќе можат да ја наметнат таа нивна ревизија на историјата…

– Предолго се дозволувало да се наметнуваат разни историски форми, реторики и постулати во одредени држави, на пример, во Бугарија. Иако имало напори да се прикжауваат фактите, за Евреите тоа било недзволено. Од кој аспект? Ззаконот кој доведува во депортацијата на Евреите во Македонија е имплементоран и во Бугарија и таму ги изгубиле сите економски и гражанбски права и носеле жолти знаци. Соломон Бали зборуваше како бугарските Евереи биле собрани во еден камп блузу до границата со Романија, за да се олесни транспортот до Треблнка, а дел од еврејството, особено во Софија, е задржан во работничките кампови… Јасно ни е нам дека државите не сакаат да се соочат со негативното минато, денес секој сака да биде дел од позитивниот дел на историјата, од победничкиот дел, од оние кои имале морал, етика, кои биле хумани, но, не може да се бега од историските факти. Ме зачудува неволноста на бугарската политика, не на бугарскиот народ, да се соочи со минатото, да се извини и денес да зборуваме заедно за светлите моменти во таа исторја, да да ги споменуваме владиците, на пример, кои биле против и се спротставиле на депортацијата. Но, тоа не се прави и се оди во насока на елиминација на историските факти, а тоа, пак, фактичко е – невозможно.

Софија антифашистички закон го толкува како антибугарски


Наскоро истекува рокот во кој треба да се избришат од Централниот регистар здруженијата што не се усогласени со законските измени што беа донесени со консензус од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а со кои се забрани здруженијата во своте називи да користат имињеа, псевдоними или прекари на лица што биле фашисти или соработници на фашизмот, нацизмот, Третиот рајх итн. Измените ги инициравте вие, со цел да се анулираат провокативните имиња на двете здруженија на македонските Бугари, а на проверка завршија сите 17.000 здруженија. Исправно ли е сите здруженија да се проверуваат за фашизам?  

 

– Шокирана сум што еден мал закон со мали измени кои имаат антифашистички тон предизвика толкава контраверзност. Но, уште повеќе ме шокираше декларацијата во бугарското собрание изгласана на ден пред распуштањето, а во  врска со ескалација на антибугарски манифестации во Македонија, каде е вброен и овој закон, со што излегува дека антифашистичкот закон го сведоа на антибугарски. Во измените не се споменуват Бугари, ни Македонци, ни Срби ни Грци, тоа е антифашистички закон. А во Декларацијата велат дека тоа пркоси на Договорот за добрососедство. Земајќи го в предвид генералниот амбиент, во кој имаме вакви дрски и невоспитани напади од бугарските политилачри и само молк и субмисивно однесување од македонска страна, во стилот да премолчиме сè само да влеземе во ЕУ и да ги добиеме европските фондови, го прашав неколку пати премиерот на пратенички рашања дали оваа декларација на Бугарија ќе ја спречи имплементацијата на Законот за здруженијата во Македонија? Закон донесен во Собранието непсорно мора да се имплементира во државата, но во меѓувреме се случуваат работи, се растура Комисијата за употреба на имиња, тече рокот, а ништо не е стабилно, што предивикува чувстви дека ќе има обид за неимплементација на законот.

Инаку, Централен регистар направи правилно што ги испрати сите на проверка. Не може некој од Регистарот самсотојно да одлучи дали некое име може или не мора да се праќа на комисискка расправа. Има називи кои не се имиња на историски личности, процесот треба да биде брз.Но останува прашањето за неимпелемнација во утврдениот рок.

Што ако Комисијата за употреба на имиња не ја заврши обврската во предвидениот рок?

Тоа е уште еден доказ дека власта не е народна и не е за народот. Собранието е дом на граѓание, тоа не е дом на одередена партија, иако мнозинството начелно  прави што сака. Тоа е на граѓаните, па ако тој дом издал закон, извршната власт мора да го имплементира. Ако не го импелементира власта не припаѓа на домот на граѓаните, не е на граѓаните и државата не е на народот. Ќе мора да се соочиме дека во вакви случаи на неимпелеменатација на закони државата не е на народот, туку е на извршаната власт.

Но, здруженијата ќе продолжат да егсизистираат, да нè иритираат, ќе биде дека се зборувало ама останало без решение…

– Ќе ја потврдиме тезата дека имаме дисфункционален систем, дека немаме инситуции во служба на граѓаните, дека имаме министерства, како култра и образование, кои се однесуваат како поддружници на министерства на странска држава, а тоа е кривично дело ставање на државата во подредена состојба. Ќе треба да се разговара за овие прашања во оние моменти кога ќе сметаме дека институциите се ослободени и повторнио се народни.

ВМРО-ДПМНЕ не се обврзува на уставни измени ниту по изборите

 

Ефектот од законската обврска за проверка што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ ги  растревожи сите досегашни лидери на ВМРО-ДПМНЕ и сите се спротиставија на намерата Ванчо Михајлов да го прогласат за фашист. Љубчо Горгиевски бара докази дека бил фашист, Мицкоски не се оградува и вели дека тој е дел од историјата а партијата, а Груевски предупреди дека има опасност ако Михајлов е фашист и тогашната ВМРО да биде фашистичка организацја, а денешната ВМРО наследник на фашисти. Па, целата ситуација на крајот излегува некако апсурдна, кој е вашиот коментар?

 – Не ги гледам изјавите на различните лидери тој начин, сметам дека апропо тоа конкретно име најмногу треба да одоговори СДСМ и Љубчо Георигиевски како нивен партнер, кој има можеби и повеќе инфомации за тоа лице.

ВМРО-ДПМНЕ е наследник на идејата за слободна и еднаква македонска нација. Не верувам дека експоненцијалното вадење на еден лик од историјата на Македнија ќе може да ја означи целата партија, бидејќи партијата е континуум на идејата за слобода и еднаквост на граѓаните, а не на одреден лик за кој треба и да се продискутира од историски аспект дали формално бил или не бил дел од ВМРО на тоа време.

Која е позицијата на ВМРО-ДПМНЕ за обврската Бугарите да бидат вметнати во преамбулата на Уставот, дали ставот на партијата е прво избори, па уставни измени?

– Апсолутно не. Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е дека предолго без да бидат вклучени сите политички субјекти се ветуваше влез во ЕУ. И приказната со Преспанскиот договор беше за влез во НАТО и во ЕУ, па имавме Договор за добрососедство кој нè направи лоши соседи и така преговарачката рамка за членство во Унијата се сведе на тоа – направете го само уште ова. Но, многу  експерти тврдат дека ова е само уште едно од плејадата на барања кои се многу неконвенционални. А се наметнува и теза дека преговарачката рамката е непроменлива..

 

Па, како ќе ја смениме рамката?

Се смени методологијата на ЕУ, по со тоа се смени рамката за преговарање на Србија и Црна Гора, значи, не постои четиво или документ кои се непроменливи, сите се подолжни на измени. Гаранции може да се добијат не само со ретерирање и субмисивноста на Македонија, туку и со поставување на барања. Нормално е дека секогаш кога ќе се најдат во клинч, како клинлот со обезбедени 80 пратеници кои видовме дека не се обезбедени, ја префрлаат топката на „што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ, како вие ќе издејствувате, што вие ќе направите“. Убаво е што Социјалдемократскиот сојуз се обидува на тој начин да ни го предаде мандатот, но ние мандаот го добиваме од граѓаните. Ние мандат за уставни измени немаме. Ќе излеземе на избори, во самите програми ќе биде сè детаљно опишано како секогаш досега, па програмскиот дел ќе биде спроведуван после изборите.

Кој е вашиот став за барањето на некои помали партии пред уставните измени да се издејствува декларација од Бугарија во која ќе го признае македонскиот народ и македонскиот јазик?

– И мнозинството е свесно дека таква декларација од Бугарија не може да се издејствува. Идентитетот не е ташничка од Луј Витин, не е физички објект, па некој да го одземе. Ова е прашање на самоспознание, или да поедноставам, идентитетското прашање не е само самоспонзнание, туку и како вие ме гледате мене. Како го гледам тоа со источниот сосед? Бугарија ни вели, внесете ме во вашиот имотен лист, ама јас не ве препознавам. Значи, бидејќи не ве препознавам и не ве признавам како име, јазик, идентитет, на крајот од денот во тој имотен лист ќе стојам само јас. И затоа треба многу внимателно да се приоѓа на овие комплексни прашања.

Не треба да се издејствуваат решенија набрзина и не треба само петорица да преговараат за ова врз основа на нивните идеи и сознанија, особено ако немаат познавања од историја и од геостратегија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот