
ВИДЕО: И оваа година намален бројот на запишани првооделенци во тетовските училишта, цели семејства се исселуват од полошко
Во рамките на Општина Тетово во 12 основни училишта оваа учебна година се запишани вкупно 991 ученик од кои 789 на албански наставен јазик, 185 на македонски наставен јазик и 7 на турски наставен јазик. Во споредба со минатата учебната година бројот на запишани првооделенци оваа година е намален за 42 ученика или пак во Тетово на првиот ден од новата учебна година има помалку два класа.
Препорачано
Трендот на намалување на запишани првооделенци во тетовско не запира. Иселувањето на цели семејства ги празни тетовските училишта, но и градот. По заминувањето на печалбарите во Тетово раздвиженоста е видно намалена, а на сoцијалните мрежи дел од медиумите објавуваат колона на автобуси претежно од тетовски агенции и превозници кои се преполни со македонски граѓани за пат кон западноевропските земји.
„Во Тетово по заминувањето на печалбарите е „пусто“. Се гледа и во центар на градот, па веќе е мртво. Останавме без пријатели, без роднини сите заминаа на запад. Градов па и цела Македонија ќе остане само со пензионери“, вели една жителка на Тетово која пред неколку дена ги испратила своите внуци на работа во Германија.
Бројот на ученици се намалува, но книги во тетовските училишта се уште недостасуваат.
„Голема е бројката на учебници што недостасуваат во нашите училишта, од денеска чекаме колку учебници ќе се распределат од страна на Министерството за образование во нашите училишта и тогаш ќе имаме точна бројка на учебници кои недостасуваат, изјави Назми Даути раководител на Секторот јавни дејности при Општина Тетово.
Од Општина Тетово на првиот ден од учебната година се пофалија со инфраструктурни зафати во дел тетовските училишта.
„Максимално сме посветени за учениците да ја започнат новата учебна година со сите услови за да имаме квалитетен образовен процес. Во иднина нема да штедиме ништо со цел да обезбедиме најдобри можни услови за образование и обука на нашите деца.На почетокот на оваа учебна година, ве известуваме дека основните и средните училишта на територијата на Општина Тетово сега имаат сосема нов изглед, како однадвор, така и одвнатре. Модерни кабинети, библиотеки, чисти училници, бојадисани ѕидови, нови тоалети и други инвестиции. Учениците денеска ја започнуваат учебната година во почиста, побезбедна средина и во училници со доволни услови за непречено одвивање на воспитно-образовниот процес“, информираа од Општина Тетово.