Татко обвинет за убиство на својата 9-годишна ќерка/Фото: Скриншот

ВИДЕО | Грозоморно убиство: Канадски бизнисмен ја убил 9-годишната ќерка на патување во Њујорк, па пријавил дека е киднапирана

Канадски бизнисмен е обвинет за убиство на својата 9-годишна ќерка на патувањето што двајцата го направиле во Њујорк, а локалните власти го бараат мотивот за ужасното злосторство што го извршил 45-годишниот маж кој се соочувал со финансиски проблеми.

Лучано Фратолин од Монтреал, кој е по потекло од Етиопија, пред апсењето изјавил во полицијата дека малата Мелина Галани-Фратолин е киднапирана, а неговата жалба веднаш ги зголемила сомнежите кај властите откако не беа пронајдени докази што би го поткрепиле тоа.

Поточно, во лажниот извештај за киднапирање што го поднел во саботата навечер, човекот тврдеше дека двајца мажи во бело комбе ја киднапирале Мелина, што доведе до издавање на „Амбер тревога“.

-Фратолин изјави дека застанал на паркинг во близина на излез 22 од I-87, во областа на Лејк Џорџ, за да мокри. Првично изјавил дека се оддалечил од своето возило и кога се вратил, неговото дете го немало. Пријавил сомнително бело возило во близина и двајца мажи во него. Ова сценарио беше темелно истражено и побиено – изјави за новинарите заменик-комесарот на полицијата на државата Њујорк, Роберт Меконел, според „Монтреал џурнал“.

Безживотното тело на 9-годишното девојче е пронајдено неколку часа подоцна во плитката вода на северниот крај на Лејк Џорџ, во близина на градот Тикондерога, а властите изјавија дека нема знаци на киднапирање.

45-годишниот татко е обвинет за убиство од втор степен и незаконско отстранување на тело, според „ Њујорк пост“.

И Фратолин и неговата сопруга родена во Грција, од која се разведе во 2019 година, живееле во Монтреал. Малата Мелина, која постојано живеела со својата мајка, била во Њујорк како дел од долго планираниот одмор со својот татко. Двајцата пристигнале во американската држава на 11 јули.

Убиената 9-годишна Мелина Галани-Фратолин/Фото: Скриншот

Според снимките од безбедносните камери, 9-годишното дете последен пат било видено живо околу 17:30 часот во саботата во ресторан во Саратога Спрингс со својот татко. Мелина наводно ѝ се јавила на мајка си еден час подоцна и рекла дека нема ништо необично. Тие требало да се вратат во Монтреал истиот ден.

Според судскиот поднесок, Мелина била убиена помеѓу 19:40 и 21:12 часот таа вечер, односно по повикот до мајката и пред тој да се јави да пријави на 911.

Фратолин, основачот на „Гамбела кафе“ со седиште во Монтреал, бил однесен во затворот во округот Есекс во северниот дел на Њујорк во понеделник во 2 часот наутро. Тој бил одведен со лисици во судницата на округот Тикондерога за неговото прво судско појавување напладне истиот ден.

Според „Тајмс Јунион“, тој се изјаснил за невин по обвиненијата со кои се соочува, а исто така признал дека не може да си дозволи да ангажира адвокат – иако фотографиите што ги објавил на своите социјални мрежи прикажувале луксузен животен стил, со скапи автомобили и патувања.

Откако 45-годишникот се јавил во Единицата за итни интервенции за да го пријави наводното киднапирање на девојчето, полицијата првично верувала дека малото девојче е во „непосредна опасност“. Сепак, властите подоцна откриле недоследности во тврдењата на таткото.

Точната причина за смртта на Мелина сè уште не е утврдена, а властите сè уште не го објавиле мотивот за шокантното злосторство. Нема претходни извештаи или инциденти на семејно насилство. Мајката на девојчето изјавила дека не е загрижена за безбедноста на детето.

Сепак, според локалните медиуми во Монтреал, Фратолин наводно се соочувал со сериозни финансиски проблеми: имал стотици илјади долари долг и се борел да плати издршка за својата ќерка.

На веб-страницата на неговата компанија, Фратолин ја опишува Мелина како „светлината на неговиот живот“ и „извор на инспирација“, а исто така ги споменува и неговите тешкотии во справувањето со опсесијата со редот, особено поради „неуредните уметнички дела“ на неговата ќерка.

Неговата последна објава со фотографија од Мелина датира од 2023 година. Неговата најнова објава, во јуни 2024 година, прикажува само автомобил Порше.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот