
ВИДЕО | Ѓорческа ја совлада поранешната светска тенисерка број 1, Каролина Плишкова
Голема победа на стартот од силниот ВТА турнир „В125 Самсун опен“ во Турција оствари македонската тенисерка Лина Ѓорческа. Таа во мечот од првото коло денеска ја надигра поранешната тенисерка број 1 на светот, Каролина Плишкова од Чешка, со 2-0 во сетови (64 63) за 75 минути игра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Плишкова во кариерата осум недели беше на врвот на ВТА ранг-листата, а има и два финални меча на грен слем-турнирите (Вимблдон и САД опен).
Македонската тенисерка со сигурна игра во текот на целиот меч заслужено ја запиша највредната победата во кариерата. Во првиот сет Плишкова направи брејк за водство од 2:1 во гемови, а по 4:2 за тенисерката од Чешка, Ѓорческа имаше серија од четири гема со два брејка за да го добие сетот со 6:4 во гемови. Нашата тенисерка во вториот сет единствениот брејк во четвртиот гем го направи кога по 14 одиграни поени поведе со 3:1 во гемови и предноста од брејк ја зачува до крајот на сетот за 6:3 во гемови и конечни 2-0 во сетови.
Следна противничка во втортата рунда на македонската тенисерка ќе биде Софија Костулас од Белгија, која денеска ја победи Вероника Фалковска од Полска со 2-0 во сетови (76(1) 64).
За Ѓорческа денеска останува уште еден меч. Во конкуренција на двојки со Чагла Бујукакчај од Турција треба да го завршат мечот од првото коло против словенечките тенисерки Далила Јакупович и Ника Радишич. Словенечкиот дубл води со 1-0 во сетови, а во вториот сет резултатот е 1:1 во гемови. Мечот почна во понеделникот, но беше прекинат поради дожд.