Парламентот во Непал запален во протести - ЕПА

ВИДЕО | Драматични сцени во парламентот на Непал, пратениците бегаат од зградата во пламен

Драматични сцени се појавуваат од Катманду, главниот град на Непал, каде што демонстранти против корупцијата ја нападнаа зградата на федералниот парламент, јавија светските медиуми.

Густ чад и видливи пламени јазици се издигаа од зградата додека илјадници луѓе се собраа во близина, пркосејќи на полицискиот час воведен по вчерашното пукање што дополнително го разгоре гневот на јавноста против владата.

Како што јавуваат светските новински агенции пламен и чад беа забележани во зградата Синга Дурбар, во која се наоѓаат парламентот и седиштето на владата, а големи толпи луѓе се упатија по патот кон комплексот. Во Катманду е нешто по 20 часот, а протестите против владата продолжуваат да го потресуваат главниот град на Непал.

Паника ја зафаќа политичката елита на Непал

Инаку протестите во Непал се без преседан и одразуваат длабоко незадоволство од политичката елита во земјата. Гневот на граѓаните е очигледен во нападите врз домовите на министрите и другите политичари, кои беа вандализирани и запалени, а некои функционери побараа заштита од безбедносните сили.

Досега протестите немаа јасни барања, освен општ повик за борба против корупцијата. Се чини дека се спонтани и им недостасува организирано водство. Премиерот КП Шарма Оли поднесе оставка, но нема јасен наследник или привремена влада, оставајќи ја земјата во политички вакуум.

Безбедносните претставници и бирократите повикуваат на смиреност, додека политичкото раководство се повлече. Војската, која ужива одреден углед, би можела да помогне во враќањето на редот, иако не сака да ја преземе улогата на полицијата и безбедносните служби.

Непал имаше 14 премиери од 2008 година, а постојаната борба за власт и менувањето на партиските сојузи длабоко ги разочараа граѓаните, особено младите. Моменталниот приоритет е враќање на редот и стабилноста, но без јасно водство, понатамошниот развој на ситуацијата е целосно неизвесен, пишува анализата на Би-би-си.

Демонстрантите го запалија парлеменот претходно во денот

Демонстрантите упаднаа во зградата на парламентот претходно во денот во Непал поточно во Катманду, а чад сè уште се крева од едното крило на зградата. Мотоциклите кружат околу парламентарниот комплекс, некои носат искоренети растенија од градината и слики одвнатре. Демонстрантите танцуваат и скандираат слогани околу огнот на влезот во зградата, додека многумина држат непалски знамиња. Некои демонстранти влегоа во самата зграда, каде што сите прозорци се скршени. На надворешните ѕидови, кои се покриени со графити, се испишани антивладини пораки. Една од пораките гласи: „Влеговте во погрешна борба“, објавува Би-би-си.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот