Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

ВИДЕО | Драма во Минхен: Португалија преку пенали до трофејот во Лигата на Нации

Репрезентацијата на Португалија го освои четвртото издание на Лигата на нации на УЕФА, откако во драматичен финиш по пенали ја совлада Шпанија со 5-3. По регуларните 90 минути и дополнителните 30, резултатот беше 2-2, а херој на пенал-рулетот беше голманот Диого Коста.

Шпанците двапати водеа во првото полувреме, благодарение на прецизните удари на Зубименди и Ојарзабал, двајца фудбалери на Реал Сосиедад кои донесоа надеж за „Црвената фурија“. Но, Португалија не се предаваше, Нуно Мендес најпрво израмни, а потоа и Кристијано Роналдо го изедначи резултатот пред самиот крај на полувремето.

Иако Шпанија имаше иницијатива и повеќе шанси, не успеа да ја материјализира предноста. Португалците беа максимално ефикасни, два шута, два гола. Темпото драстично опадна во второто полувреме, а проблем за Португалците беше и повредата на Роналдо кој мораше да го напушти теренот во 88. минута.

Сепак, и покрај очекувањата дека Шпанија ќе ја искористи неговата отсутност, продолженијата поминаа без значителни закани пред двата гола.

Клучниот момент дојде во пенал-серијата. Осум од деветте удари беа прецизни, единствен кој не успеа да погоди беше Алваро Мората, кој влезе во 111. минута токму за изведување пенал, но неговиот обид беше прочитан и одбранет од Коста.

Со ова, Португалија ја освои својата втора титула во Лигата на нации, израмнувајќи се со Франција, додека Шпанија остана на една.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот