
ВИДЕО | Доналд Трамп откри зошто никогаш не пиел алкохол: „Сè уште ги следам советите на брат ми“
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп важи за еден од ретките лидери кој отворено признал дека никогаш не пиел алкохол, не користел дрога, па дури и не пушел цигари. Причината зад таа одлука, како што повеќепати истакнал, е длабоко лична и поврзана со трагичната судбина на неговиот постар брат, Фред Трамп Џуниор.
Препорачано
Во гостување на подкастот „This Past Weekend“со водителот Тео Вон, Трамп зборуваше за ова животно искуство и влијанието што го оставило врз него уште од младоста.
„Никогаш не сум пил алкохол. Имав одличен брат кој ми даде силна животна лекција“, рече Трамп. Фред Трамп Џуниор почина во 1981 година на само 42-годишна возраст, поради срцев удар поврзан со хроничен алкохолизам. Неговата борба со зависноста била прикажана и во биографската драма „The Apprentice“ од 2024 година.
„Фред беше фантастичен човек. Пиеше, пушеше многу, но беше навистина посебен. Го гледав како пример, му се восхитував. Имаше изглед, харизма, беше неверојатна личност“, раскажа Трамп. „Но, поради неговиот проблем со алкохолот, решив никогаш да не започнам ни јас. Верувам дека, ако некогаш започнев, ќе завршев како него.“
Трамп додаде дека уште тогаш ја сфатил сериозноста на зависноста и дека честопати им го повторува истото на своите деца: „Без дрога, без алкохол, без цигари.“
Во изјава за „Fox News“ во 2018 година, тој рече: „Брат ми Фред беше прекрасен човек – изгледаше подобро од мене, имаше подобра личност. Но, имаше проблем со алкохолот. Постојано ми велеше ‘не пиј, не пиј’. Тоа го слушам тоа до денес.“
Според Трамп, токму борбата на неговиот брат со зависноста била доволна причина за да одбере целосна апстиненција – одлука што, како што вели, му го одредила животот.