
ВИДЕО | Директорот на Геријатрија бил приведен во дворот, додека посредникот ги земал 20-те илјади евра мито во автомобил
Директорот на Клиниката за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Мухсин Арифи, осомничен за примање поткуп од 20 илјади евра за да ја згрижи 42-годишната пациентка Искра С. дента кога бил приведен од полицијата, се наоѓал во дворот на здравствената установа.
Препорачано
Според извори на „Слободен печат“ кои не се дел од истражните органи, но биле присутни утрото на Клиниката за геријатрија, тој бил во дворот на установата, нервозен и во исчекување да добие повик или порака на неговиот мобилен телефон, додека неговиот посредник – негувателот, што ги примил 20-те илјади евра поткуп, се наоѓал во автомобил со старателката на пациентката.
Според нашите информации, додека Арифи чекал во дворот, негувателот во автомобилот побарал старателката на пациентката да дојде со него во блиската менувачница за да ги разменат парите (20 илјади евра), најверојатно сомневајќи се дека се обележани банкноти чии сериски броеви се веќе запишани во полициските истражни документи. Меѓутоа, негувателот сепак ги зел парите без да бидат разменети во менувачница, ги ставил во внатрешноста од палтото, излегол од автомобилот и веднаш бил приведен.
Во исто време, приведен е и директорот Мухсин Арифи, како што може да се види и од видеото што го обезбеди „Слободен печат“. Додека траела средбата на негувателот со старателката, Арифи, според нашиот извор, чекал во дворот и бил во комуникација со неговиот посредник во автомобилот, уверувајќи ја старателката дека пациентката е примена.
Претходните денови, во неколку наврати, во кафулиња, меѓу кои и едно во трговскиот центар „Зебра“, директорот Арифи и неговиот посредник, негувателот во болницата, остварувале средби со старателката на пациентката.
Пациентката боледувала подолго време, но од февруари 2025 состојбата станувала посериозна, нејзината здравствена состојба барала да биде хоспитализирана во Геријатрија, да има постојана нега и тоа било заведено во медицинската документација. Целта на средбите во кафулињата била да се разговара за тоа дека пациентката мора подолго време да остане во Геријатрија, најверојатно со години, односно дека станува збор за нејзино долгорочно згрижување.
Таа прво била впишана на листата за чекање, за што нејзината старателка платила три илјади евра на друг посредник. Но, понекое време, кога станало јасно дека пациентката има недвижен имот на нејзино име, парите за впишувањето на пациентката на листата на чекање ѝ биле вратени, но директорот и посредникот поставиле нови услови за прием на пациентката на Геријатрија. Во неколку наврати, во скопски кафулиња старателката имала средби со директорот и со неговиот посредник – негувател во болницата. Притоа ѝ било побарано да го продаде станот на пациентката, а парите да бидат дадени како мито за пациентката да биде сместена.
На тие средби, како што извести Обвинителството, Мухсин Арифи лично кажал дека знае оти пациентката е материјално добро ситуирана, затоа што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок на Обвинителството, реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувала пациентката, што не можело да биде реализирано со оглед на тоа што станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
Судот на директорот на Геријатрија и на негувателот им одреди 30-дневен ефективен притвор.
Адвокатот на Арифи, Асмир Алиспахиќ, за емисијата „Код“ изјави дека неговиот клиент досега не признал вина и тврди дека ексдиректорот на Геријатрија не е инволвиран во случајот. Пациентката, според адвокатот Алиспахиќ, била ставена на листата на чекање затоа што хоспитализација ѝ била потребна, па не може да има кривично дело за нешто што е преземено по закон и за тоа што пациентката била ставена на списокот на чекање.
– Ние имаме свое мислење за тоа што се случувало и сметаме дека ќе докажеме дека истиот, ниту е инволвиран ниту побарал каков било поткуп, а најмалку примил. Со оглед на фактот што во тој момент кога се случувало предавањето на паричните средства истиот бил на состанок во зградата на Геријатрија на вториот спрат – рече Алиспахиќ.