
ВИДЕО | Чини помалку од 50 денари, а ќе се продава за повеќе од милион долари: Светот воодушевен од бананата закачена на ѕид со селотејп
Банана закачена на бел ѕид со сребрена селотејп лента би можела да достигне цена од повеќе од 1 милион долари на аукција оваа недела во њујоршкиот Сотби.
Препорачано
Станува збор за уметничкото дело „Комичар“ на италијанскиот уметник Маурицио Кателан, кој дебитираше во 2019 година на изложбата „Арт Базел Мајами Бич“, каде стана многу дискутирана сензација.
Додека некои се прашуваа дали се работи за шега или коментар за состојбата на светот на уметноста, друг уметник извадил банана од ѕидот и ја изел, по што била донесена резервна банана.
Имаше толку многу посетители кои сакаа да се сликаат со делото „Комичар“ што беше повлечено од изложбата, но три изданија од него, според галеријата Перотин, се продадени за меѓу 120.000 и 150.000 долари.
Иако се работи за банана која чини помалку од 50 денари во супермаркет, вредноста на ова концептуално уметничко дело сега се проценува на меѓу 1 милион и 1,5 милиони долари во куќата на Сотби во Њујорк, каде што ќе се одржи аукцијата на 20 ноември.
Директорот за современа уметност на Сотби, Дејвид Галперин, делото го нарекува длабоко и провокативно.
Понудувачите на аукцијата нема да го купат овошјето што беше изложено во Мајами – тие банани одамна ги нема, а Сотби вели дека идејата отсекогаш била овошјето редовно да се ротира, заедно со лентата.
„Она што го купувате кога го купувате „Комичар“ на Кателан не е обична банана туку потврда за автентичност што му дава дозвола и овластување на сопственикот да ја репродуцира оваа банана и селотејп на неговиот ѕид како оригинално уметничко дело на Маурицио Кателан.“, рече Галперин.
Насловот на делото сугерира дека самиот Кателан веројатно немал намера да се сфати сериозно, но доцентот на Универзитетот за уметност на Универзитетот Колумбија, Клои Купер Џонс, вели дека вреди да се разгледа контекстот.
„Кателан премиерно го претстави делото на саем за уметност, кој го посетија богати колекционери на уметнички дела, што значеше дека „Комичар“ сигурно ќе добие големо внимание на социјалните мрежи. Тоа може да значи дека уметноста претставува еден вид храброст која ќе ги поттикне колекционерите да вложуваат во нешто апсурдно“, рече Купер Џонс.
Таа додаде дека има и темна страна на бананата, овошје чија историја е испреплетена со империјализмот, трудовата експлоатација и корпоративната моќ.
„Тешко е да се замисли подобар, поедноставен симбол на глобалната трговија и сета нејзина експлоатација од бананата“, изјави таа.