
ВИДЕО | Братот на градоначалникот на Гази Баба дивеел по улиците, го сопрела полиција но не го казнила, СДСМ објави видео
СДСМ обвини дека Далибор Стефковски – братот на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, возел со преголема брзина на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје но кога бил запрен од полицијата не бил казнет. Како што рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, Стефковски веднаш се јавил на начаникот од МВР и наместо да биде казнет тој бил ослободен.
Препорачано
„На 20 април 2025 година, точно во 18:31 часот, на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, полицијата со радар фаќа возило со преголема брзина, далеку над дозволената. Станува збор за ова возило „Мини Купер“ со скопски регистарски таблички, управувано од Далибор Стефковски — брат на градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој воедно е и сопственик на автомобилот.
Среде Скопје, братот на градоначалникот летал со 88 километри на час, иако дозволената брзина е 50 километри на час. Свиркачи од МВР ни доставија видео-снимка од радарот, на која јасно се гледа колку вози Стефковски среде Скопје.
Полицајците го стопирале за да го казнат за пребрзо возење, но тогаш Далибор Стефковски телефонски контактира со некој во МВР.
За само една минута, началник од МВР, кој според нашите информации тогаш дури и не бил во земјата, се јавува на полицајците и им дава наредба: братот на градоначалникот да не биде казнет и да биде ослободен“ наведе Кузеска.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, на полицајците им било наредено казната да ја запишат на друго лице.
„Така, казната е издадена на лице со иницијали С.Ј., под налог број 07929. И оваа документација свиркачите ја доставија до нас, нема да ја објавуваме за да ги заштитиме“ рече Кузеска.
Таа нагласи дека секојдневно луѓе ги губат животите на улиците поради несовесни возачи и додаде дека сè уште се свежи болните спомени на трагично прегазената Фросина во Скопје.
Таа го обвини министерот за внатрешни работи Тошковски дека ветувал дека „секој ќе одговара“, а од друга страна ги штити прекршителите од ВМРО-ДПМНЕ.
„Брат да ми е, ќе одговара“ е најголемата лага на Тошковски. Законот за нив не важи. Ако за брат на фукционер на ДПМНЕ нема одговорност, што да очекуваат граѓаните кога станува збор за повисоките функцинери“ додаде портпаролката на опозициската партија.
СДСМ бара целосна истрага, одговорност за сите вмешани полициски службеници и санкции за сите инволвирани — почнувајќи од Панче Тошковски па надолу, рече Кузеска.